„Слепите водачи за кои на времето пишуваше Радое Домановиќ се вистински визионери, во споредба со овие што денес ја водат Република Македонија“, рече на денешната прес-конференција, кандидатот за градоначалник од СДСМ, Александар Петрески.

Петрески обвини дека Владата вчера на правила најголема, како што рече, глупост, што во Охрид одржа трибина за тоа зошто му е потребен на Охрид, Кирил Трендафилов Нанче.

„Македонија се соочува со милиони проблеми, нерешени меѓународни прашања од стратешки национален интерес, меѓународна изолација, економска криза и социјална беда, бранители, млекари, стечајци на улица, крах на демократските процеси и тепања на сопствените студенти, масовни средношколски тепачки по етничка основа, а целиот кабинет на Груевски држи симпозиуми како Нанче да станел градоначалник на Охрид“, рече Петрески.

За потпишувањето на меморандумот за соработка на ВМРО-ДПМНЕ со Перо Петрески – Калимеро, Петрески рече дека  Калимеро има само еден глас, а тоа е неговиот и оти сите граѓани кои гласаат се полнолетни и самите одлучуваат на изборите. 

„Во кабинетот на градоначалникот има место само за еден кандидат, а не и за Трендафилов и Груевски заедно, како што се насликани на билбордите“ додаде Петрески. Тој обвини и дека граѓаните на Охрид се под полициски притисок, а рече и дека неговата коалиција е со граѓаните на целата општина, без разлика на која политичка опција и припаѓаат.

На денешната прес-конференција, професор доктор Драган Јанкоски зборуваше за децентрализацијата во образованието и проектите кои се реализирани во досегашниот четиригодишен мандат на Александар Петрески. При тоа, тој ги потенцира, проектите за продолжен престој во основните училишта, за работа со талентираните ученици, за развојот на спортот  во основните училишта и градинките, како и проектот  за воспитание на учениците во текот на летниот период.

Ohridnews