„Убеден сум дека ќе се изнајде решение. Се игра на тенка линија, но сигурно дека тоа на крај ќе доведе до договор. Доколку тоа не се направи, јас останувам на ставот да нема да излезам на избори, затоа што мислам дека не треба по секоја цена да се биде градоначалник. Никој не би сакал да седне на градоначалничкото место без фер избори.“ – изјави денеска градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Тој истакна дека без добро организирани локални избори и без учество на опозицијата, ситуацијата лошо ќе се одрази не само за земјава, туку на патот кон евро-атлантските интерграции.
„Пораките што се добија од ЕУ, прецизно беа упатени до двете страни. На опозицијата и се кажа дека не треба да ги бојкотира изборите, меѓутоа прецизно беа упатени до власта која е одговорна за ваквата ситуација. Власт која треба да направи се, за да се надмина оваа криза која ја создаде. Ние како опозиција, ја подадовме раката во интерес на Македонија. Доколку се има волја, од ВМРО-ДПМНЕ треба да ја искористат подадената рака за доброто на земјава.“ – истакна Петрески.
Градоначалникот посочи дека власта треба да ја прифати одговорноста и да донесе мудри одлуки за земјава.
„Не се работи само за локалните избори, туку за легитимитетот на работа на парламентот. Од тие причини очекувам наместо да се вршат притисоци по граѓаните за излегување на изборите, односно по разни луѓе за да поднесуваат листи на изборите колку овие избори да се легитимни, притисикот да го насочат кон самите себе.“ – додава првиот човек на општина Охрид.
Петрески смета дека простор за промена на одлуките постои до 24-ти март. Според него, владеачката партија треба да направи отстапки за да се постигне договор.
„Сигурно дека има простор за промена на одлуките до 24-ти март. Кога двајца се караат, треба двајцата да попуштат во интерес на државата. Не може само еден да попушти. Јас гледам дека се даваат компромисни решенија од едната страна, но и од другата не треба да стојат на тврдите ставови.“ – завршува Петрески.
Инаку, претстојните локални избори се закажни за 24-ти март, а опозициските партии не поднесоа листи со кандидати за градоначалници и советници.
OhridNews