Охрид е под еден вид економско ембарго воведено од државата, за жал на барање на пратениците и високите функционери на владејачката партија од Охрид, а се со цел општината да се изолира, а градоначалникот да не покажува резултати, изјави градоначалникот Александар Петрески. Тој му честита на изборот на поранешниот пратеник од ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов, кој е нов директор на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, со забелешка дека критиките кој тој ги изнесе во интервју за дневниот весник „Вечер“ за состојбите во Охрид се упатени на погрешна адреса.
-Состојбите во Охрид се директна последица на работата на централна власт, т.е. врз Охрид е воведено класично економско ембарго, а токму тој и други претставнци на владејачката партија го бараат тоа од премиерот за да ме прикажат како неуспешен градоначалник, но и покрај тоа работите во Охрид функционираат и градот успешно се развива, вели Петрески.
Според него високите функционери на владејачката партија од Охрид многу повеќе треба да се грижат за својата работа и резултати, а дури потоа да покажуваат политички амбиции за градоначалник.
-Зборуваат за евтини станови за социјални случаи и млади брачни парови од 800 евра за метар квадратен, а во исто време пазарната цена на местата каде тие се градат е 700-800 евра за метар квадратен. Државата едноставно прави бизнис под изговор дека гради евтини социјални станови со што директно им конкурира на градежните компании. Одговорните за тоа треба да објаснат зошто станови чија реална цена е 300 евра за метар квадратен се продаваат два и пол пати поскапо, а после да покажуваат политички амбиции, рече Петрески.
Во однос на забелешките дека Охрид е претворен во панаѓур, Петрески повторно одговорноста ја префрла на државата и нејзините инспекциски служби.
-Наместо да си ја работат својата работа тие ги рекетираат охридските фирми, а воопшто не работат на средување на состојбите во градот. Зошто издаваат дозволи за ноќни клубови и кафетерии во стариот дел на градот каде што се живее, зошто даваат дозволи за диско и ноќни клубови на плажите, зошто Дирекцијата за храна дозволува продажба на храна на отворено со што градот личи на панаѓур, зошто УЈП дозволува на тезги да се продава без издавање фискални сметки и зошто Охрид е оставен без здравствена заштита и болница со години и колку ли уште охриѓани ќе чекаат на да се изгради болницата, истакна Петрески.
Според градоначалникот кога овие работи ќе се средат состојбите во Охрид ќе бидат многу подобри, додавајќи дека политичките амбиции тогаш ќе се темелат на резултати, а не само на критики.











