Општина Охрид одлучи да ја прекине постапката за концесија на јавното  претпријатие „Проаква“, изјави градоначналникот Александар Петрески.

„Одлуката за овој чекор е донесена само поради една едноставна причина – за доброто на граѓаните. Во вакви услови кога секојдневно се соочуваме со пораст на трошоците на живеење, СДСМ нема да дозволи граѓаните на Општина Охрид да бидат оптоварени со уште еден трошок кој би произегол со концесијата на  јавното претпријатие. И покрај тешките економски услови за кои е одговорна Владата на ВМРО-ДПМНЕ  Општина Охрид ќе најде средства и ќе се залага да ја  консолидира “Проаква” со цел да остане во служба на граѓаните, исто како и досега“, ja пренесува „Макфакс“ изјавата на Петрески, дадена денес во Скопје.

Како што информираше OhridNews, на меѓународниот тендер  концесионирање на водоводите во Охрид и Струга со кои стопанисува МЈП „Проаква“, се пријави само една фирма од Шпанија.

Понудата беше отворена во саботата од страна на специјално формирана комисија составена од експерти и професори на соодветни факултети. Тогаш и општина Охрид и општина Струга тврдеа дека постапката тече согласно договорот за продажба и дека градоначалниците Петрески и Мерко треба да се изјаснат за понудата во рок од 180 дена. Иако во јавноста проструија информации дека поради одредени недоразбирања и партиски притисок општина Охрид ќе се откаже од постапката, локалната самоуправа не ги потврди таквите гласини, а струшкиот градоначалник, пак тврдеше дека е невозможно да се прекине постапката во оваа фаза додека не биде завршена комплетната процедура.

Во меѓувреме советотите на општините ја изгласаа одлуката за поскапување на цената на водата, што предизвика лавина реакции и протест пред охридската локална самоуправа на кој беше побарано градоначалникот да ги прекине преговорите за продажба на Проаква.

Неколку дена подоцна, во Скопје, градоначалникот Петрески објави дека општина Охрид се повлекува од продажбата на јавното претпријатие

OhridNews