Во рамките на утврдената агенда за планираните предизборни активности, синоќа, на спортското игралиште кај СТОБЕКС, се одржа предизборен митинг, на кој беа претставени кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници од советничката листа на СДСМ Охрид. На повеќе од 600 присутни граѓани од овој дел на Охрид им се обратија г-дин Мите Здравески, кандидат за советник од овој дел на Охрид и г-дин Александар Петрески, кандидатот за градоначалник од СДСМ Охрид. На присутните граѓани од Видобишта, 15-ти Корпус, Гоце Делчев и Илинден им беа изложени основните одредби од изборната програма на СДСМ за претстојните локални избори.

Петрески на присутните им ги наброја сите проекти од областа на комуналната инфраструктура што, според неговата изборна програма, се планирани да се реализираат во овој дел од општината во наредниот едногодишен период. „Тешко е само да се набројат и прочитаат сите проекти што ги реализиравме овде во минатите 4 години, а можете да замислите како беше да се реализираат. Можете да замислите колку енергија, време и средства беа потребни за да го реализираме она што го ветивме пред 4 години. Сите овие бројни проекти беше потребно да се осмислат, да се испланираат, да се изготват елаборати и проекти, да се објават тендери, да се донесат урбанистички планови, да се ангажираат градежните оперативи и да се реализираат работите на терен. Но ние го исполнавме тоа што го ветивме. Така ќе биде и со ове проекти што сега Ви ги наведов. Јас не ветувам неостварливи работи. Јас ви ветувам дека ќе ги завршиме започнатите работи и дека ќе ги започнеме планираните. Јас Ви ветувам само остварливи и реални проекти, што во голема мерка ќе ги подобрат условите за живеење во овој дел од Охрид и ќе ги решат елементарните потреби на нашите граѓани. Тие што намерно не сакаат да го видат и го омаловажуваат сето она што е направено во изминатите 4 години, само треба да излезат од своите прес центри и партиски штабови и да дојдат овде, на лице место. Нека Ви го кажат тоа Вам ако смеат. Јас нив им водам 4 спрема 1. Тие доаѓаат само еднаш годишно, за време на изборните кампањи, ќе Ве излажат и после никаде ги нема. Јас бев тука цели 4 години со Вас, и кога ги асфалтиравме сите овие улици, и кога поставуваме цевки за канализација и водовод, и кога ги градевме тротоарите, и кога го поставуваме осветлувањето, и кога ги уредувавме зелените површини, и кога го правевме овој спортски полигон. Така ќе биде и во наредните 4 години, јас повторно секојдневно ќе бидам со Вас.“ – истакна Петрески во своето обраќање на предизборниот митинг.

Во рамките на утврдената агенда за планираните предизборни активности за денес, 08.03.2009 година, кандидатот за градоначалник од СДСМ, г-динот Александар Петрески, во претпладневните часови ќе оствари кратка средба со пензионерите од Охрид.











