-Очигледно дека кампањата го достигнува својот врв, а јас мислам дека врвот на нечистата кампања ќе биде достигнат во петок и во сабота. Убеден сум, затоа што Гебелс не е жив, меѓутоа, другиот Гебелс е во градов, и убеден сум во Гебелсовите методи, со кои максимумот ќе биде даден претстојниот викенд.-изјави кандидатот за градоначалник на Сојузот за иднината Александра Петрески на прес конференцијата одржана денеска.
 
Тој рече дека стравува оти во петок и во сабота Охрид ќе биде преплавен со пароли, со плакати, со пишани текстови и со недолични фотографии.

-Зошто го имам тоа убедување? Затоа што почнаа. Цело време се повикуваат дека тие се за чиста кампања, дека нивниот кандидат бил за чиста кампања. Вчера во “Утрински” читам дека нема да го валка образот. Па, не може повеќе да го извалка. Повеќе валкање од ова е, не дај боже да се случи пукање во Охрид, како што беше пред некоја година. Дали го слушнавте да се огради од кршење на штабовите? Дали го слушнавте денес да се огради од аферата што му ја направија на Бошко директорот? Не ја видел таа приказна, божем не гледа Сител. Па, еве сега го повикувам да го погледне тоа што е кажано, каде што се дадени слики, и каде што Бошко е сликан со најтесното свое семејство, а се кажува дека тие слики биле со ученички.-изкави Петрески.

Тој упати критика кон противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ, затоа што не излегувал на дуел со него, што според Петрески е уште еден доказ дека кампањата била спуштена на ниско ниво. Тој обвини дека иако законски не смеат, министри доаѓале и харале по селата, а директори на државни претпријатија со откази им се заканувале на вработени доколку не работат за владејачката коалиција на изборите. Тој рече дека притисок вршат и инспекциските служби, а кандидати за советници го злоупотребуваат податоците од нивните компании во изборни цели.

-Дојдени се инспекциски служби од Битола, од УЈП. И тие хараат и затвораат дуќани низ Охрид. Па, поголема злоупотреба од тоа нема. Кога е излезен противкандидатот Бакрачески, еднаш да се огради од сето тоа, и да сврти телефон да ги спречи тие работи? Тој не може да биде градоначалник, затоа што ќе биде фигура која што ќе ја поместуваат како што сакаат. Никој за ништо нема да го прашува. А, нема храброст ни да се огради, од сите овие работи. За да излезе на дуел, треба храброст, затоа што тогаш нема бегање.-рече Петрески.

Тој ги отфрли обвинувањата на негова адреса  за покачената цена на водата, посочувајќи дека цената на водата се зголемила кога Груевски го потпишал договорот за кредитно задолжување на Проаква. И покрај тоа, денес Охрид има поефтина цена на водата и од Битола, и од Штип, и од многу други поголеми општини во земјава, истакна Петрески.

Кандидатот на Сојузот за иднината обвини и дека деновиве во Охрид се вршел поткуп на граѓаните со пари и намирници.

-Тие одат кај граѓаните низ цел град, нудејќи им дрва, масло, брашно и пари. И јас не ги спречувам да го прават тоа, бидејќи тоа се пари на граѓаните. Тоа е прилика да им вратат дел од нивните пари.-изјави Петрески.

OhridNews