Колегите од прес центарот од ВМРО ДПМНЕ изгледа го изгубиле чувството за простор и време. Без оглед дали зборуваат само за нивниот кандидат за градоначалник или советници, нон стоп на помош се повикуваат на владата. Како да се работо за парламентарни, а не за локални избори, обвини на денешната прес конференција, портпаролката на ОИШ на СДСМ – Охрид, Лидија Апостолоска.

Зборувајќи за политичките кандидати од ВМРО ДПМНЕ, таа рече дека многу брзо го допреле дното на меѓусебната комуникација и професионалното однесување. Апостоловска истакна дека нивното однесување на прес конференциите се претвора во непримерно искажување на невистини и дезинформации за градоначалникот Петрески и СДСМ и тоа како што рече, “укажува на фактот дека ни пет пари не даваат за нивните декларативни заложби за достоинствена, позитивна и фер изборна кампања“.

На денешната прес конференција, кандидатот за градоначалник на СДСМ, Александар Петрески, се осврна на изборната програма во делот на образованието. Петрески меѓу другото најави дека по влегувањето во втората фаза од децентрализацијата, ќе ги зголеми за 10% платите на вработените во образованието и детската заштита, ќе се залага за средно стручно образование прилагодено на општинските потреби и на пазарот на трудот, ќе обезбеди услови за бесплатно вонредно завршување на средното образование и за преквалификација и доквалификација, ќе го зголеми бројот на студентските стипендии, ќе инвестира во модернизација на севкупниот воспитно –  образовен процес и ќе изгради фискултурни сали во основните училишта „Ванчо Николески“ – Лескоец, „Св. Наум Охридски“ – Пештани, „Кочо Рацин“ – Радојца Новиќиќ и во „Братство и Единтво“  – Лескајца.

Ohridnews