
OHRIDNEWS: Господине Петрески, на 22 март повторно ќе влезете во трката за градоначалник на Охрид. Кои се вашите мотиви за кандидирањето?
ПЕТРЕСКИ: Без лажна скромност, една од основните причини за кандидирањето е поддршката што ми ја даваат сограѓаните. Чувствувам обврска кон нивните очекувања, а од друга страна покажав со резултатите во сегашниот мандат дека можам да придонесам за доброто на Охрид и граѓаните. Главен мотив се и желбата и способноста да го завршам она што го започнав, а кое бара повеќе време за реализација од само три години ефективно вршење на функцијата. Тука се некои капитални објекти кои не се реализираа заради нерешени сопственички прашања околу земјиштето помеѓу државата и општината, денационализацијата, но и теснопартиските опструкции од централната власт.
OHRIDNEWS: Од обемната програма што ја најавивте во изборната кампања на претходните локални избори, некои проекти останаа нереализирани. Дали ќе ги довршите, доколку го добиете и вториот мандат?
ПЕТРЕСКИ: Без сомнение е дека ќе ги завршам сите тие објекти и проекти што ги започнавме или ги ветувавме бидејќи сега и централната власт увиде дека кон Охрид не смее да си дозволи бескрајни опструкции и да ја остава општината на маргините само заради партиски интереси и заради тоа што градоначалникот е од СДСМ. Оваа промена во односот на централната власт кон Охрид како втор центар на Македонија, ќе биде нормален одраз на состојбите и желбата на граѓаните после мојата победа на овие избори.Конечно, брзо после изборите и мојата победа, Охрид ќе влезе во одминатите фази на децентрализацијата на власта што практично значи и поголеми можности за решавање на прашања од социјалата, здравството, урбанизмот, екологијата…

OHRIDNEWS: Барате нов мандат од охриѓани. Што ќе им понудите доколку ви ја дадат довербата?
ПЕТРЕСКИ: Едноставно кажано, на охриѓани ќе им обезбедиме повисок квалитет на живеење – доличен за град каков што е Охрид, со заокружена и според високи стандарди решена комунална инфраструктура. Докрај ќе бидат решени и симнати од „дневен ред“ во секојдневието прашањата сврзани со канализацијата и водоснабдувањето. Охрид ќе биде препознатлив по решената патна односно сообраќајна инфраструктура на целото подрачје на општината.Во новиот мандат ќе успееме со сигурност на охриѓани, но и на бројни семејства во селските населби, да им обезбедиме пристоен живот и егзистенција од класичниот но и руралниот или други форми на туризам и дејностите сврзани со туристичката индустрија. На младите – реални можности за вработување или самовработување бидејќи ќе го претвориме Охрид во туристичка а со тоа и трговска, бизнис и естрадно – фестивалска – забавна дестинација.На учениците – учење во современи услови, одржувани и физички обезбедуванини објекти за сигурност на основците и средношколците.
OHRIDNEWS: Како гледате на Охрид сега?
ПЕТРЕСКИ: Охрид денес е посакувана и светски афирмирана дестинација. Познат е ширум светот, со низа нови стекнати пријатели во Јапонија, Кина, Португалија, Швајцарија…Охрид е втор град во државава не само по убавините и по наследството, туку и по тоа дека токму во него поинтензивно се живее, се гради, се работи, се одвива бизнисот…Конечно, Охрид денес е извлечен од децениската зачмаеност, всаденото чувство на безперспективност, малодушноста, огромните долгови и апатијата – каков што го затекнав кога станав градоначалник.

OHRIDNEWS: Вообичаено, на изборите, кандидатите настапуваат со некој капителен проект. Имате ли Вие таков проект?
ПЕТРЕСКИ: Во овој мандат моите капитални проекти предвидуваат повисок степен на заштита на крајбрежјето и животната средина;натамошна експанзија на туризмот а со тоа и поголемо економско заживување.
OHRIDNEWS: Носечка гранка во Охрид е туризмот. Што ќе направите, Охрид да живее од туризмот?
ПЕТРЕСКИ: Веќе спомнав дека ќе сториме се’ за да охриѓани и Охрид имаат што поголема искористеност на туристичките потенцијали. Се’ што правев во таа сфера во првиот мандат, ќе биде и засилено и конкретизирано со повеќе форми и можности бидејќи сега е полесно: ги вративме странските туристи, ја продолживме сезоната, воведовме нови содржини и манифестации…
OHRIDNEWS: Туризмот е тесно поврзан и со економскиот развој. Вие и во изминатиот градоначалнички мандат, покрај теренската работа, имавте и протоколарна задача. Примивте доста странски гости во Вашиот кабинет, а бевте и на многу места надвор од Охрид. Имате ли идеја како би можеле да привлечете странски инвестиции?
ПЕТРЕСКИ: Сум истакнувал често пати, а сум објаснувал и тогаш кога некои, од партиски побуди, ме обвинуваа мене за промашени најави од Владата за изградба хотели со странски капитал или светски брендови, дека инвестициите не се остваруваат и инвеститорите не доаѓаат заради основното нерешено прашање: ЗЕМЈИШТЕТО Е НА ДРЖАВАТА. Замислете, странски граѓани можат да бидат сопственици на земјиште, а ЗЕЛС односно Општина не може! Па, кого сакате да привлечете да инвестира во нешто на што ниту тој ниту општината е сопственик бидејки земјиштето (имотниот лист) е на државата?

OHRIDNEWS: Општината е сервис на граѓаните. Во која насока ќе делувате за да го подобрите квалитетот на услугите што ги дава општинската администрација?
ПЕТРЕСКИ: Преземањата во администрацијата во првиот мандат беа насочени кон обезбедување кадар кој е неопходен за наредните фази на децентрализацијата односно целосното преземање на ингеренциите од централно на локално ниво. Тоа бара создавање на стручна и ефикасна, одговорна и ажурна администрација. Тоа, од своја страна, бара и време и резови. Мислам дека основното во тој поглед го создадовме, сега претстои „брусење“ бидејќи животот и потребите на граѓаните секојдневно носат нови и, со повисок стандард, потреби и барања.
OHRIDNEWS: Вие сте еден од пионерите-градоначалници, кои се соочија со спроведувањето на законот за децентрализација. За овој закон можевме често да чуеме и критики. Сметате ли дека општините треба да имаат поголеми ингеренции?
ПЕТРЕСКИ: Не само што сме назад како држава на тој план, туку трпиме и одредени критики од меѓународната заедница. Децентрализацијата, дефинитивно, е запрен процес заради нереални критериуми на Владата и заради нејзиното љубоморно чуваање на власта во партиски раце. Општините мора да имаат целосни ингеренции за прашања од интерес на граѓаните во локалната заедница. Тоа не е волја на една Влада која се грижи за општини каде се градоначалници луге од таа партија, туку е тоа барање и од ЕУ и порака содржана во европската Повелба за локална самоуправа.

OHRIDNEWS: Охрид како една од најатрактивните и најразвиени општини во Македонија, не влезе во втората фаза од фискалната децентрализација. Каков е вашиот став по ова прашање?
ПЕТРЕСКИ: Невлегувањето на Охрид во поодмината фаза на децентрализацијата е резултат исклучиво на политиката што ја води Владата која е повеќе ги гледа партиските и коалиционите компромиси и интереси одошто што работи во интерес на општините и граѓаните. Но, и самата Влада после овие избори ќе увиди дека не е можно да се запира толку долго „тркалото на времето“.
OHRIDNEWS: Како ќе се одвиваат изборите на 22 март, е многу важно, не само за имиџот на Охрид, туку и за Македонија, која е на патот кон евроинтеграциите. Очекувате ли фер избори?
ПЕТРЕСКИ: Секако! Фер избори мора да се спроведат. Посебно во Охрид бидејќи ние сме град со посебна традиција, култура и духовно значење. Било каква општествена порака да се „испрати“ од Охрид во светот – има посебна, специфична тежина. Јас на тоа сум се обвразал и лично, но и заради СДСМ која е сериозна и одговорна политичка партија.

OHRIDNEWS: Да се осврнеме и на Вашата биографска страна. Вие и во текот на изминатите четири години бевте јавна личност, но сепак, не би сакале да ве делиме од останатите кандидати? Кој е Александар Петрески?
ПЕТРЕСКИ: Голем број сограѓани го запознале Александар Петрески не само како градоначалник, туку и лично како обичен граѓанин. Секаде каде се појавувам застанувам со сограѓаните. Ме интересираат нивните маки и проблеми, но сакам да ги поддржам и охрабрам во ниванта радост, планирања, преземања… Го знаат граѓаните како успешен стопанственик и менаџер; Како најмлад директор во тогашниот гигант ЕМО; Како најуспешен директор на комуналното претпријатие кое од лоша „приказна“ прерасна во едно од најуспешните во Македонија.
Конечно, Александар Петрески е градоначалникот на општина Охрид кој успеа да ја растовари општината од наследените милионски долгови, а истовремено да обезбеди развој и да му отвори перспективи кои значат подобар и поквалитете живот на граѓаните.
OHRIDNEWS: Вашата порака до охриѓани?
ПЕТРЕСКИ: Со она што го остваривме во мојот сегашен мандат ја вративме самодовербата во иднината на Охрид. Му ја вративме душата на Охрид како град со неисцрпни развојни можности. На моите сограѓани им упатувам порака да веруваат во сопствените можности и да ги сфатат како реални отворените развојни перспективи. Им порачувам да им веруваат на луге кои знаат да менаџираат; на луѓе зад кои стојат дела и резултати а не на луге кои се партиски војници со партиски задачи за да кажуваат само маглини и ветувања за некои убавини кои ќе ни ги донесела Владата како да е „Дедо Мраз“, ама ние охриѓани „не можеме да видиме и почуствуваме“ колку ни било убаво од нив!
фото: Мирко Постоловски











