– Охрид годинава изгледа најубаво и најсредено во однос на изминатите години. Поставени тезги како што има во Охрид има и во секое друго туристичко место во регионот и пошироко. Ако го посетите и Дубровник, ќе видите дека и таму во центарот на градот има тезги на кои се продаваат разни работи, вели Петрески.
Тој сепак се согласува дека на терен присутни се бројни недостатоци, како што се поставените тезги на кои се продава храна и текстил, за што вината ја гледа кај инспекциските служби кои се под ингеренција на централната власт.
– Законот не предвидува продажба на храна и текстил на тезги и отворено. Од страна на локалната самоуправа не се дадени одобренија за нивно поставување и затоа вината не може да се бара кај советот или локалната власт. Пазарната инспекција и Дирекцијата за храна се оние кои се надлежни за превземање мерки за нивно отстранување или казнување. Ако инспекциските служби си ја вршат својата работа, тогаш недостатоците нема да се присутни на терен. Тоа важи и за бучавата која доаѓа од плажите. Согласно законските прописи, плажите треба да работаат до 21 часот, ако тоа се почитува тогаш нема потреба од наша страна да се мери бучавата која доаѓа од плажите, категоричен е Петрески.
Со ова се согласуваат и дел од советниците.
– Ние како совет едногласно ја донесовме програмата за поставување урбана опрема убедени дека како таква е издржана од сите аспекти , а највеќе од туристички аспект, пред се во интерес на сите граѓани и посетители. Тоа што сега се случува на терен апсолутно не е според програмата која ја донесовме, како што е случај и со режимот на сообраќај. Причината за тоа ја гледам во надлежноста и делувањето на надлежните институции. Очигледното неделување на релевантните институции во дадени области придонесува за проблемите, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
И додека се бара вистинскиот израз за она што се случува во центарот на градот, според градоначалникот- недостатоци, за многумина хаос, и кој за што е одговорен, изминува уште една туристичка сезона исполнета со истите проблеми кои се повторуваат од година во година, а никако да се решат.












