„PEUGEOT 308“ избран за „Автомобил на годината во Македонија“ за 2023 година.  Националното стручно жири за изборот по 28. пат го избра победникот на најпрестижната и најпосакуваната награда и признанието во автомобилската индустрија, со што продолжи традицијата на наградување на моделот што во текот на изминатата година пристигнал на македонскиот пазар, а според критериумите на Националното жири заслужува да ја добие наградата.

Третата генерација на Peugeot 308 прави значаен технолошки исчекор во класата. Уникатен според својот стил, со мулти-енергетски можности и две каросериски изведби тој успева да ги сублимира класичните вредности од минатото, рационалноста на актуелната технологија и иднина со максимален респект кон природата. Изграден врз најновата надградба на EMP2-платформата тој може да понесе бензински и дизел мотори, потоа електрификација во вид на капацитетен plug-in хибрид, како и целосно електрична верзија, се вели во образложението од Националното жири.

Peugeot 308 беше избран од седумте финалисти меѓу нив Alfa Romeo Tonale, Citroen C5 X, Kia Sportage, Opel Astra, Skoda Fabia и Toyota bZ4X, а врз основа на шест критериуми и тоа адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн и комфор и опременост. Ова е првпат моделот Peugeot 308 да ја добие наградата во Македонија во досегашните 27 избори, и воопшто прва награда за францускиот бренд.

Покрај наградата „Автомобил на годината во Македонија“, Националното жири додели и две признанија – СУВ на годината и ЕВ на годината (електрично возило на годината). Признанието „СУВ на годината“ го доби моделот KIA SPORTAGE, додека за EV на годината (електричен автомобил) е избран моделот FIAT 500e.

Во специфични услови за сите нас кога и во автомобилската индустрија во тек е голема револуција и напредок, го заокружуваме овој 28-ти Национален „Избор на Автомобил на годината во Македонија“. Горди сме што единствената и најстарата манифестацијата од ваков вид во Македонија останува препознатлива и ја продолжува традицијата почната од 1995 година. Возилата постојано се подобруваат, индустријата оди напред, но купувачите секогаш остануваат подеднакво пребирливи. Верувам дека и во следниот период ќе придонесеме за препознавање и наградување на оние што навистина се најдобри, вели Горан Антевски, претседателот на Националното жири.

OhridNews