Германскиот пијанист Франк Дупре ги воодушевува жириата со неговата музичка зрелост, рафинирана техника и можност да создаде широк спектар на бои од пијаното.

Првично едуциран како џез перкусионист, Дупре има „широки видици“ во пијанистичкиот репертоар, со особен интерес кон современата и музиката на актуелните композитори на нашето време. Неговите скорешни и идни ангажмани вклучуваат соработка со фестивалот „Курт Вајл“ каде е резидентен уметник, деби со Ројал Нордерн Симфонија во Њукасл, со Симфонискиот оркестар во Трондхајм и со Симфонискиот оркестар на Лихтенштајн. Ќе се врати на сцените на „Вигмор Хол“, „Бозар“ во Брисел, и ќе продолжи да соработува со Филхармонијата во Штутгарт и театарот „Паулен“ во Цвикау. Дупре е уметник кој цврсто се етаблира на меѓународната музичка сцена и има остварено настапи со Лондонската филхармонија, како и со оркестрите во Минестота, Малме, Кристијансанд, Оукленд, со „Бетовен“ оркестарот во Бон и др.

Во областа на камерната музика соработува со некои од највозбудливите имиња од неговата генерација како Симон Хофеле, Едгар Моро, Даниел Лозакович, Тимоти Ридаут, Киан Солтани и др. Исто така, е активен на диригентскиот пулт, и уметник кој често се јавува во улога на солист и диригент.  Франк Дупре има соработувано како асистент со Сер Сајмон Ретл, Франсоа Гзавие Рот и Марио Вензаго.

Добитник на наградата „Опус Класикс“ за снимка на годината во категоријата Концерти во 2018 година, и лауреат на Германскиот натпревар за музичари во 2014 година.

Концертот ќе се одржи во црквата Св. Софија со почеток во 21 часот.

Со почеток во 21 часот вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде изведена театарската претстава “Ана Каренина” „Во љубовта нема повеќе и помалку“ од Лав Николаевич Толстој во режија на Дејан Пројковски и изведба на театарот од Нови Сад „Ujvideki Szinhaz”.

Дејан Пројковски е македонски режисер. Роден е 1979 година во Битола. Дипломирал и магистрирал театарска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто. Сарафов“ во Софија. Работи како вонреден професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Направи голем број значајни режии во С. Македонија и земјите од регионот. Извесен период беше директор на Македонскиот народен театар.

Тој е еден од водечките македонски театарски режисери и професор по театарска режија и глума на Универзитетот за аудио-визуелни уметности Европа Прима. Пројковски се потврди како режисер на големи дела на светските класици, создавајќи претстави со специфичен естетски и иновативен сценски јазик. Тој е присутен не само во својата татковина, туку и во Србија, Бугарија, Русија, Турција, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и копродуцира претстави со германски, италијански и словенечки театри и фестивали.

OhridNews