Од денес ресторанот „Рибар“ во Трпејца ќе нуди ексклузивна дегустација на виното кое веќе два месеци се чува во длабочините на Охридското езеро.

На иницијатива на дистрибутерот на винаријата Далвина, АСП – ПАК, на 26 мај во водите на Охридското Езеро кај Трпејца, беше спуштена метална корпа со 250 шишиња вина од винаријата „Далвина“. Сега нуркачи  почнаа со вадење на шишињата кои природно се ладат во идеални услови на 28 метри длабочина.

За да се напиете од волшебното вино, потребен е ангажман на професионален нуркач. Секој ден до крајот на летото на располагање ќе имаме нуркач кој експресно го вади виното од дното и директно ќе го послужува на маса. – вели Јован Блажески од АСП – ПАК.

Блажески заедно со  професорот Зоран Тунтев и пријателите први го пробаа пијалокот на боговите разладен во Охридското Езеро.

Вкусот е неверојатен, подобар и од најоптимистичките проценки. За секој случај, побаравме стручно мислење од неколку енолози и професионални сомелиери од Србија, кои ги очекуваме кон крајот на летото. – потенцираше професорот Тунтев.

Целата идеа има и хуманитарен карактер. Имено, дел од парите од продажба на виното ќе бидат наменети за опремување на детските градинки во Охрид.

OhridNews