Пица мајсторот Дејанчо Трајанов – Чеде од Охрид продолжува да нижи успеси на меѓународните натпревари. Овој пат од двата натревари во Бугарија и Србија се врати со седум трофеи.

Имено, во периодот од 11 до 14 ноември беше дел од Меѓународниот пица шампионат во Софија во Бугарија каде зеде учество во четири категории и се закити со четири медали.

Учествував во категорија „пица контемпораниа“ каде освоив второ место. Во категоријата „пица дуе“ заедно со колегата Петар Цветанов од Кочани, деветнаесетгодишен млад пица мајстор, освоивме исто второ место. Во „пица а ла пала романа“ освоив прво место и во категоријата „пица блек бокс“, освоив исто второ место. Тоа е доста интересна категорија во која ти даваат во кутија околу десет намирници кои треба да ги искористиш за пицата за која носиме само свое тесто како база. Треба да се внимава кои артикли одат во печење, кои не. Од овој натпревар сум многу задоволен, бидејќи веќе организаторите на ми понудија следната година на Деветтиот шампионат во пица во Софија да бидам судија, што е голем успех за мене.

Во Бугарија на натпреварот, посочува имало преку стотина учесници од Италија, Турција, Романија, Србија и други земји кои се натпреварувале во различни категории и во силна конкуренција. Досега Чеде има учествувано три пати на овој натпревар и има освоено вкупно десет медали.

Во поглед на спецификите во изработката на пиците за натпреварите, вели, претежно користи италијански артикли со врвен квалитет или како што велат Италијанците „доп производи“, бидејќи поголем дел од судиите се Италијани.

Разликата во квалитетот на производите во Италија и тука е доста голема. Денеска не е тешко да се набават такви производи и во Македонија. Внесувам и нешто македонско за да направам една добра приказна и да покажам дека може и со дел од нашите производи да се даде еден врвен квалитет на топингот или на пицата, потенцира Чеде.

За вториот натпревар кој се одржал во Србија на 29 и 30 ноември, вели посебно се подготвувал, за што изразува благодарност до сопственикот на „Харбор“ и до шеф Стиви Дурацоски кој му помогнал во изработката на топинзите со квалитетни артикли.

Не беше лесно да се пренесе топингот оттука до Белград. Морав со фрижидери, со вакуум кеси, со посебни начини на подготовка. Во Белград имам доста пријатели кои имаат ресторани и пицерии, така да мислам дека успешно се преставив и направив доста добри топинзи. Таму учествував во категоријата „наполетана традиционална“, во која освоив прво место, со разлика од стотина поени со второпласираниот, што е доста голем успех за мене. Истото се случи и во категоријата „тема либеро“ во која учествував со „пица а ла пала а ла романа“, во која исто освоив прво место. И тука разликата беше уште поизразена. Потоа учествував во категорија „класика“ и тоа со чисто македонско брашно за тестото. Во топонгот имаше и италијански производи, но повеќето беа македонски. Освоив трето место. Во категоријата „пица модерна наполетана“ освоив четврто место. Презадоволен сум од настапот во Србија.

Истакнува дека било напорно со оглед дека натпреварот се одвивал во два дена, подготвувал четири различни теста со различни тајминзи, температура која морала да биде според стандардите. Но, и на овој натпревар добил покана следната година да биде специјален гостин или судија.

Во Србија досега има учествувано на три првенства и со се последново има совоено седум медали.

Имам освоено седум медали и ми е жал што веќе нема да се натпреварувам, но треба да отстапам простор малку и на помладите пицајоли. Од натпреварот во Србија сум доста задоволен бидејќи имаше голем број учесници од Македонија и доста македонци во публика. Така што во ниеден момент не се почувствувавме дека сме во странска држава. Од двата натпревари вкупно се враќам со седум медали, со седум награди, вели Чеде.

За тоа колку време е потребно за подготовка на пиците на натпреварите вели зависи од категоријата, но се движи од десет минути за пица традиционална наполетана, дванаесет минути за пица класика, дванаесет минути за контемпораниа. Додека за пица романи по дваесет минути, бидејќи има и предпечење.

Пица романа се пече до педесет-шеесет проценти, па се вади од печката и се дополнува со остатокот од топингот. Ниеден топинг не би издржал десет минути печење. Доколку ставиме на пример моцарела за десет минути, таа ќе исчезне, ќе испари. Зачи од десет до дваесет и пет минути се потребни за подготовка на пица.  Во моментов во Бугарија беше ставен акцент на романски стил на пици, значи пици кои се карактеризираат со голема хидратација на тестото. Преку осумдесет проценти хидратација и тоа тесто се пече повеќе време од седум до десет минути. И на пониска температура од двеста шеесет до триста дваесет, додека во Србија, голем тренд беше модерната наполетана. Исто и таа се карактеризира со тесто со средно висока хидратација. Значи тука од шеесет и осум до седумдесет и пет проценти хидратација и кај нејзе варира печењето од триста осумдесет до четрсто педесет. Намирниците се по избор на самиот натпреварувач, само добро треба да се вклопат. Значи има некои непишани правила во нашата професија, во која треба и самиот топинг да го соединиш, артиклите да се совпаѓаат едни со други. Тоа е оставено на самите натпреварувачи. Тестото самиот натпреварувач си го прави, си го носи и топингот.

Следниот предизвик за Чеде е светскиот настан во јануари „Пицата без граници“ во организација на Академијата Пицајоли на Италија, школа каква што има и во Македонија каде е Чеде член и инструктор.

Тоа ќе биде еден голем настан преку илјада учесници во Италија во Римини, а воедно се одржува и саем во исто време, СИГЕП, кој е од сферата за угостителството. И досега, а и на овој што следи ќе бидат присутни доста претставници од угостителскиот сектор во Охрид. Имам покана и понуда останува финасискиот дел. Во септември имам настан во Рим, „Светски пица куп“ кој ќе се одржува веќе по дваесет и петти пат и имам карта за учество. Мислам дека на тој натпревар ќе учествувам, а за овој во Римини ќе видиме како финансиската состојба ќе дозволи.

Потенцира дека кај нас сеуште нема некоја голема понуда на италијански пици, претежно се нуди пица класика, но има обиди тоа да се смени.

Италијанските намирници се поскапи и доколку нудиме италијнска пица истата ќе биде поскапа, а знаеме каков ни е стандардот. И таму каде што веќе е внесена во понудата италијанската пица претежно ја консумираат туристите, додава Чеде.

Интересот, вели на младите пица мајстори да се усовршуваат е послаб, можеби поради цените на обуките кои се доста високи, но има сепак неколку млади пица мајстори кои се навистина добри и кои почнуваат да одат по натпревари, најпрвин на нашите, но и со желба за надвор.

Н.С.Ј.