Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, министерот за образование и наука, Панче Кралев и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски на конфереција за медиумите го претставија Пилот проектот за откривање на студиските афинитети кај учениците преку пополнување на прашалник во неколку училишта во Република Македонија.

Пилот проектот во рамки на кој осмоодделенци од неколку училишта во Македонија ќе пополнуваат прашалници за откривање на нивните студиски афинитети ќе биде спроведен со поддршка на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, а во соработка со Агенцијата за вработување на република Македонија. Прашалниците во училиштата ќе бидат дистрибуирани за десетина дена.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека со проектот ќе бидат опфатени осмоодделенци од едно одделение во едно основно училиште во седум општини во Македонија.

,,Идејата е да се утврди каков ќе биде интересот и резултатите со цел проектот да се спроведе и во другите основни и средни училишта, посочи Кралев.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски рече дека основната цел на реализацијата на овој проект е правилно детектирање на определени афинитети кај учениците што ќе помогне за нивно правилно насочување во животот.

,,Ние, како Влада, како министерства, институции и конечно како држава имаме обврска за идните генерации. Токму затоа, предизвик на Владата на Република Македонија е обезбедување на  поголема  усогласеност  на програмите согласно со потребите на пазарот на трудот. Намалувањето на несовпаѓањето на понудата и побарувачката преставува еден од главните приоритети на политиките за вработување и образовните политики реализирани во согласност со Националната стратегија за вработување на Република Македонија 2015 година,, потенцираше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој укажа на неодамнешната анализа за потребите на пазарот на труд за високото образование,  со цел пореално да се утврдат квотите за упис на факултетите. Анализата беше подготвена од страна на стручни лица во Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување и Организацијата на работодавачи на Македонија и истата покажа кои струки се дефицитарни, а кои суфицитарни на пазарот на трудот. Оваа анализа, како и тестирањата за откривање на студиските афинитети на учениците ќе бидат насока за индите студенти која струка да ја одберат според своите афинитети при тоа водејќи сметка и за тоа дали истата е дефицитарна или суфицитарна. 

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски истакна дека целта е да им се помогне на учениците полесно да ја изберат нивната професија бидејќи, како што рече, во последните 20 години во Македонија има се повеќе кадри кои завршуваат средно училиште и високо образование кои се несоодветни со потребите на пазарот на труд.

,,Важно е да ги упатиме младите каде ќе биде најдобро да учат средно училиште и каков тип образование да завршат. Со тоа ќе им помогнеме во иднина полесно да најдат работа, додаде Поповски.

OhridNews