Свечената церемонија на доделување на наградата ќе се одржи на 18 јануари, во куќата Уранија на МАНУ во 19 часот, а на церемонијата ќе присуствуваат и Амбасадорката на Република Германија во Македонија, Н.Е. Гудрун Штајнекер, Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, како и Раководителот на Гете институтот во Македонија, Томас Дикхаус.
Милер е родена во 1953 година во Ницкидорф, мало место во Романија, во кое се зборува на германски јазик. Студирала германистика и романска книжевност. Нејзиниот татко бил припадник на СС-трупите за време на Втората светска војна, а мајка и била депортирана во Советскиот Сојуз во 1945 година и испратена во работнички логор. Како студент по германска и руска литература, Милер се спротивставува на режимот на Николај Чаушеску и се придружува на група дисидентски писатели, кои се залагаат за слобода на говорот. Емигрирала во Германија во 1987 година по години поминати во прогони и цензура во Романија. Емигрирала заедно со сопругот, две години пред симнувањето од власт на Чаушеску и падот на комунизмот во Источна Европа.
Во 2009 година, Милер ја добива нобеловата награда за литература.
Охридската Академија на хуманизмот од 2007 година ја инаугурира Светската награда за хуманизам, која се доделува на врвни личности од светската уметност.