(Писмо до мојот пријател 2-дел)

Здраво пријателе и нека денот ти е богат, како во душата така во џебот. Нека те служи здравјето а твоето доаѓање дома нека биде радост за тебе, за  децата и внуците.

Изминаа цели десет години откако не сум ти пишал. Кај нас овде, почетокот на векот го дочекавме исто како и нашите претци со оружје, со гужви, гинеа многу невини, наши деца а на гости ни идеа ,,паметни луѓе,, (исто како вековите назад) и си играа мајтап со нас. Несреќата да е уште поголема мајтапот сеуште трае а ние птопаѓаме…Немам што многу да кажам но, ќе ти кажам една приказна што мојот дедо ми ја раскажа пре четириесетина години а времето кога се случува е некаде во 18-тиот век.

Во едно село живееле луѓе кои макотрпно работеле да ги прехранат своите фамилии и успевале во тоа, некои повеќе некои помалку. На крајот од селото имало една куќа во која живееле тројца браќа и еден прибрат. И тие како и другите се мачеле на имањето да извадат корка леб да ги прехранат децата. Многупати браќата разговарале за се што треба да направат но барале начин како да ја подобрат состојбата. Најмалиот брат предложил сите деца да ги пуштат школија да завршат зошто гледале дека децата од комшиите се школуваат, се враќаат во семејството, го користат нивното знаење и состојбата им се подобрува.

Но тука ја направиле грешката. За школување на децата немале пари па почнале да ги продаваат нивите. Дошле до некоја пара и се зачудиле како можело подобро да се живее. Децата учеле и научиле а нивите ги снемало. Ги снемало и парите по што почнале караници. Најстарио брат го укорил најмалиот за неговата идеја да се школуваат децата. Изучија, рекол братот, и научија но ни заминаа. Заминаа кај богатите комшии таму знаењето да го покажат, кај нас неможат да се вратат немаме ниви за работа.

Богатите комшии почнале да им се потсмеваат и да им даваат ,,добронамерни совети,, како да излезат од кризата. На најстариот брат му велеле да ги пушти другите двајца  да работат кај богатите, уште биле млади и можеле, а нему сите по малку ќе му даваат и ќе може нормално да живее.

Арно ама браќата не се сложиле и настанала караница. Едниот велел сите заедно да ги соберат децата, да ги замолат да купат ниви и да се вратат дома каде сите заеднио ќе работат. Другите двајца  рекле  дека тие ќе разговараат со нивите деца а не со сите и сами ќе си работат. Прибратот веднаш побарал една соба за него иако биле само две и рекол дека неговите деца ќе дојдат сигурно и тој тука, со нив, среќно ќе си работи и живее.

Поминало време караниците не престанувале а ималу дури и тепаници. Децата не доаѓале, а им давале по некоја пара да преживеат. Никое од децата не дојде да живее во куќата.Трошната куќа почнала да се распаѓа и веќе била пред паѓање кога во селото дошол султанот. Се прошетал низ селото и застанал пред јадната куќа и ги викнал  браќата.

Нели гледате ќопеци низаедни како другите живеат, до кога бе ќе се карате и тепате,  ми ја срамите царштината. Слушајте вамо одете веднаш секој по еден дирек од куќата да фати, да го држи цврсто да не ви падне куќата оти сите четворица ќе ве потфати. Ако некој се откаже сурѓун ќе го пратам.

И, прилателе мој, слушнав дека тоа село уште постои само е многу големо, модерно, со многу училишта но и ниви кои ги обтаботуваат машини….. а кутрите браќа уште ги држеле диреците да не им падне куќата зошто султанот…

Нека  ги држат   зошто сите пофира ќе одат, а нивнте внуци и правнуци ќе им се смеат: ,,Што курназ дедовци сме имале една куќа неможеле да направат,,

Авторот познат на редакцијата