Големиот и смртоносен пожар во Викторија, кој пеплоса над 800 домови и згасна 209 човечки животи, ги опожари и природни убавини на Кинглејк. За миг го проголта и првиот македонски православен манастир, посветен на основоположникот на МПЦ – ” Св. Климент Охридски”. Веста дека огнената стихија не го поштеди манастирот Св Климент, верувам, отвори голема рана во секое македонско срце. Силното и нескротливо дејство на зло, за миг го згасна Светиклиментовото кандило кое, вон границите на Македонија, го запали прв пат, религиозната душа, дарежливата рака и неисцрпната трудољубивост на македонците во Викторија, духовно и национално соединети во Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија.

Манастирот “Св. Климент“ во Кинглејк, како резултат на религиозниот дух и патриотското чувство на Македонците на кои историската судбина ова демократско поднебје им го определи за натамошен живот, е несоборливо сведоштво на сите времиња: колку е длабоко чувствотот на православниот Македонец за опстој на неговата духовна и национална афирмација. Тој феномен, кој со векови го пројавува растежот на македонскиот црковен и национален идентитет, обликуван и посведочен со високи дострели на нашата прадедовска православна вера и национална култура, и денес инспирира и влева надеж на македонците во Австралија дека убавата глетка и манастирскиот амбиент пак ќе го повратат својот духовен и национален сјај. Ќе го возобноват непресушниот вруток на христијанската и Светиклиментова љубов  и далеку ќе се пренесе звукот на манастирската молитва. Затоа што и сега живеат и творат духот и мудроста на Св. Климент и на плејада борци и маченици за духовна и национална слобода на Македонија. Тие се непресушен извор на духовни сили, кои инспирираат и отвораат широк хоризонт на добродетелен живот.

 Доблесните Македонци во Мелбурн, покрај другото, со аргументи докажаа дека се способни да се справат со многу предизвици од различни видови и да ја остават негативна енергија на страна. Како што станаа пионери во изградба на првата Македонска православна црква вон Македонија, на првиот македонски манастир “Св. Климент”, на Социјалниот центар-Епинг, на споменикот “Гоце Делчев” И на низа активности од црковно-национален карактер, И како што во најкус можен рок ја возобновија намерно опожарената црква “Св Ѓорѓи и Пресвета Богородица” во Епинг, Македонците и овој пат ќе го зачуваат своето духовно И национално простум, нема да паднат на колена пред овој катастрофален атак.

Затоа со непоколеблива желба и надеж очекувам и овај пат, Македонците во Викторија и пошироко во Австралија да го искажат своето единство во стремежот за брза обнова на манастирот “Св. Климент”.

Дејството на вистинско патриотско чувство и манифестација на религиозниот дух го насочуваат погледот на секој добронамерен човек кон таа добродетел и ја интензивираат будната совест да се зачува манастирскиот амбиент и
традиција, без оглед на тоа што нашите од Македонската православна црква  не почуствуваа потреба да го изразат своето жалење што првиоит македонски манастир, осветен на 29 јануари 1978 год од првиот поглавар на возобновената
МПЦ (1958), заврши во пламен. Не сакам да поверувам дека заборавиле оти тој манастир е цврсто македонско црковно и национално катче, каде се собирааа и до десет илјади Македонци, организирани во многу друштва и организации за
афирмација на македонската црковна и национална култура, дека во тоа катче беше укажувано гостопримство на најеминентните претставници на МПЦ и на Р. Македонија и дека во него се одржуваа најмасовните свечености: “Денови на
македонската култура” со рељефен израз на духовното и националното наследство. Недај Боже, да помислам дека можеа да најдат миг слободно време архиереите кои беа удостоени во манастирот “Св. Климент” да богослужат, да се причестат и од црковниот амвон да упатат низа пораки на своите духовни чеда, сега да испратат збор-два утеха на верниците. Од презафатеност со многу “позначајни работи” од оваа ли?. Народот тоа го очекуваше. Можеби духовното му го препуштија на Господ. Да, вистината е тешка и горчлива, но е несоборлива! Не само јас, верувам дека ја доживуваат оваа стварност речиси сите православни Македонци, кои го почуствуваа мирисот на пеколниот оган кој покрај другите национални жртви, го опустоши и македонскиот манастир “Св Климент” и го обезличи македонскиот парк во Кинглејк.

Кочо Калинчев – Австралија