Што ме натера господ да отворам на општинската интернет страница за викенд!?, обично локалната одмора сабота – недела, но ете отворив и ми се расипа денот. А се препирав на skype со еден пријател од Џерси за актуелни теми (знаете сега светот е мал), де езерово повисоко, де пониско, де Охрид вака, Охрид така, дека добро би било да се направи нешто за поголема посетеност од САД годинава, та она моето културен туризам , па културен туризам сум запнал, а на официјалниот сајт – градски срамотилоци, ѓубре на сите страни, расфрлано ти се чинит како намерно наместено да позира, комуналци како манекени, багери демек копаат, трудољубивост на сите страни а резултати – нула, бедата, грдотијата и очајот се шири како смрад од сликите натопорени како на саемски штанд. Како бе така, му велам, не е возможно, па на таа страница има што и како да се види за Охрид, дури и како да се стигне до кај нас, па најсетне и моја фотогалерија има на која сум посебно горд, но за жал – шок. Се сетив и му викам на пријателот, чекај брате оди на English верзијата, но таму уште едно изненадување – The page is under construction (страницата е во изработка)…

Неможев да поверувам, ех, си викам, извини пријателе, Манески денеска искажувал  став на локалната администрација, по службена должност. Електронскиот сервис е затворен за посетителите – добронамерници, деновиве алтернатива нема, кој сака да го види Охрид во вистинско светло ќе почека да се смират страстите, да се седне да се разговара (затоа што кај нас за се се разговара и преговара), портпаролот да добие друга службена наредба, да пишува и за други работи, поубави, поопштински, на крајот на краиштата непартиски, па охридското СДСМ нека си отвори своја електронска страница (можеби и има, да не грешам душа), деновиве тоа и не е така скапо и невообичаено, или нека се користат локалните електронски медиуми кои ги имаме во доволен број, само не вака и не на ова место.

Ех драг мој Манески, некогаш младите новинари учеа од тебе. Со твоето искуство и добро искажаната мисла си куртулил, промовирал, кандидирал, да не речам извадил од литературната кал многу значајни ликови околу нас, уште од Застава, Отекс, АГП, Амак СП…, од овој, од кандидатот, од претходниот и од претходниот градоначалник. Со неверување прифаќам како што кажа дека овие текстови и избор на фотографии се за објективно известување на јавноста, но јавноста не е само овде кај нас, страницата се чита во цел свет. Охрид е светско богатство, Охрид е отворена сцена сам по себе, не му местите на градот она што не е, не грдете ми го градот со евтина пропаганда, кренете ја главата повисоко од вашите колена и работете си ја чесно работата за која сте платени. Тогаш и само тогаш, делата ќе зборуваат, тогаш и само тогаш, вистинската слика ќе кажува илјада зборови, а дотогаш …

                                                                                            Зоран Вељаноски Летра