Ви се случило ли некогаш многу работи да сакате да кажете одеднаш и тоа да е причината што доцните да кажете било што. Тоа ми се случува мене и тоа трае еве веќе седум дена, од утре осми. За штрајкот во образованието ми е зборот за оној од кој сум засегната директно јас (луѓето од оваа професија) од една страна и моите деца (сите ученици) од друга страна.

Немој да мислите дека некого заборавив не! Власта не е наклонета кон ниту една од горенаведените страни, таа е смисла сама по себе и сама за себе. И јас потполно ја разбирам. Но никако не можам да ги сфатам колегите на кои им е помил министерот отколку нивното достоинство! Кои би чекале за своето до 2010 притоа не поставувајќи си прашање за нови економски падови и рецесии. Како се сигурни дека денес не, но вгодина пари сигурно ќе има?

Еден од најбедните коментари беше: „па ни покачија десет насто пред два месеци а да не ни покачеа“? Од партиско слепило ли е, од притисок ама од нешто сигурно е амнезијата. Па не беше само наша ексклузива покачувањето, сите буџетари го добија, а молчат бидејки не е исто десет отсто на 12.000 и на 52.417 (судиите). Кој тоа јаде повеќе па да си дозволи 4100, 3330, 3150 денари хранарина, а онаа на просветарите да е 2300. Искрено речено ме заболеа сите коментари на родителите по медиумите од типот работат два саати, 180 дена, на лето на одмор, на зима на одмор….Прво и основно точно е дека немаме класично осумчасовно време туку во зависност од дневниот распоред може да имаме осум, шест, четири часа. Но ние не можеме да речеме почекајте да го испијам кафево па ќе дојдам на час бидејки ако задоцниме најмногу пет минути ниту еден ученик нема да е во училница. Ние ефективно работиме. Проверете во болници, општина, судови како се работи. Има да чекаш да се изначекаш проверете не е ова од памет!

Пред неполн месец министерството како ударна ја пласираше веста дека седумдесет отсто средношколци се запишале на факултет. Па како успеаја? Зарем не сме ние заслужни за тоа? Зарем не се наши резултатите кои во весник излегоа за отстапувањата при оценување. Ние ниту за оцена не отстапувавме поточно 0,81. Тоа е доказ за нешто, за успешна работа пред се! Не сакам притисоци не сакам да ме уверуваат дека сум земала 12000 а сега земам 15000 илјади денари и тоа  да ме прави среќна. Па јас знам зошто служат парите тие се платежно сретство со кое во нашава држава ги купуваш само неопходните работи или потрошувачката кошница која на денешен ден е за три проценти поскапа од онаа кога земав помалку плата (податоците се достапни а може да ги најдете на сајтот на државниот завод за статистика) Значи и со набилданите 44 отсто јас сум пак во минус.

Би сакала сите партиски определени колеги тоа определување да го чуваат за избори. Овде во штрајкот сме сите еднакви  односно треба да сме и оние кои ви ги чуваат бебињата и оние кои ги учат нашите деца на првите букви и бројки и притоа внимаваат вашите деца од школо дома да дојдат без гребнатинка. Но ние ќе се самоуништиме. Ние се мразиме и газиме преку лешеви до целта.И повторно со голема почит ќе нагласам во нашиот колектив колегите албанци се обединети иако се од различни партии тие сакале да признаеме или не се народ од кој треба да се учи. Ние драги македонци немаме потреба од непријатели ние самите себеси ќе се сотреме. И барем за некоја цел и барем за некоја вистина, а не за додворување на власта и за убедување дека немаме право. Кога некој греши треба тоа да му се каже инаку ние не би требало да ставаме слаби оцени односно да ги наградуваме вистинските, а да ги казнуваме лошите одговори. Би требало да ни е во крвта ако треба да фалиме но ако треба и да кудиме.

Власта има низа проекти кои се добри би можела да речам одлични Секоја чест. Но јас по природа не влегувам во калап и не дозволувам некој друг да ми кажува што да мислам туку јас мислам и таа слобода никој нема да ми ја одземе. А плус тоа имам и решение. Нека министерот одземе од хранарината на буџетарите кои имаат повисоки хранарини па нека ни ги додаде нам.нека биде Робин Худ на новото време. А знаете ли зошто тоа не го прави? Јас знам.
                                                                       

                                                                                        
Ирена Чакареска
(професор)

п.с
Квалификациите од типот ти си од таа и таа партија
не палат. Како може да знаат од кај сум јас
без книшка кога оние со книшка само поради власт
припаѓаат на партија по потреба. Јас сум
само своја и бескрајно уживам во
слободата на мислата.Придружете ми се!