По повод објавувањето на интернет на видео клипот со деструктивно однесување на средношколци од гимназијата во нашата редакција пристигнаа голем број реакции:

Видео клипот кој деновиве кружи на интернет и кој нашите деца масовно си го препорачуваат и препраќаат еден на друг е многу повеќе од скандалозен како што го нарече вашиот читател.

Драги сограѓани погледнете што прават нашите деца за време на час во нашата “елитна” гимназија и тоа во присуство на предметниот професор. Јас сум згрозена  и многу  потресена од ова вандалско и деструктивно однесување на група ученици. Точен е фактот дека ова не се случува прв пат и дека вакви тешки инциденти на одредени ученици, раководството на гимназијата го толерираат со години : закани на професори, фрлање столови од третиот спрат на гимназијата во дворот, уништување на инвентарот, малтретирање соученици. А најтрагично е што сето тоа поминува неказнето. Ниту еден од тие ученици не бил санкциониран, а под тоа подразбираме трајно исклучување од школото. Раководството на гимназијата одлично знае кои се тие вандали и насилници кои се деструктивни не само по материјалните добра во школото, туку се и насилни и опасни за околината. Верувајте ми, точно знам за какви деликвенти станува збор.  Па тие совршено ги отсликуваат своите родители. А и професорите во гимназијата  одлично ги знаат нивните имиња но за жал слушнав дека некои од нив добро се забавувале и насмеале гледајќи го клипот.

Жалосно ! 

Не е за помала осуда и однесувањето на професорот кој очигледно немоќен да направи било што крева раце и мирно си седи на катедрата. Крајно време е анемичното раководство на гимназијата да преземе нешто за да го врати тотолно нарушениот углед на школото  и  да ги заштити нашите деца од изложеност на вакви сцени на час.

А ние родителите не смееме повеќе да ги затвораме очите пред вакви инциденти и да не бараме одговорност кај надлежните. Погледнете , му се заканува со крената рака на професорот, а на одморите им се закануваат и ги малтретираат соучениците по ќошинјата и во тоалетите. Што е следно ? Пиштоли и ножеви на час ? Или тоа веќе го има само треба да почекаме нашите cyber генерации и тоа да го стават на youtube.

писмото го испрати:
Моника Николова