Неколку информативни работи околу Холандија. Гратис  упатство. Насоки за добар пречек. Инструкции како да се комуницира со „портокаловите“. Да имате лесни, отворени теми за разговор. За да сте подготвени со факти. Специјално за таксистите, угостителите, за сите тие што ќе се ова лето во контакт со Холанѓани. Македонија се подготвува за нова непредвидлива туристичка сезона. Според најавите речиси 13.000 илјади Холанѓани ќе дојдат во Охрид и Струга. Првите веќе пристигнаа оваа недела.

За Холандија има повеќе интересни теми од оние стандардните, често спомнувани ветерници, цвеќиња, кломпи, крави, кашкавали, Хајнекен, Филипс, кралството, портокаловата боја, уметници како Рембрандт, Ван Гог, ди-џеите Тиесто, Армин ван Буурен, познатие фудбалери по европските топ клубови и најпопуларната слободна дрога и проституцијата. Ако не тргне муабетот со холандските туристи секогаш ќе можете како „ брза помош“ да се повикате на една од овие теми:

-Во Холандија има 15.000 км асфалтирани патеки за „точаци“.

-Има повеќе велосипеди отолку автомобили.

-Холанѓаниве се сметаат за највисоки Европјани.

-Најголемо ридче имаме во јужна Холандија: 323 метра високо.

-Во Холандија има во парлементот партија за заштита на животни. Пратениците од оваа партија се борат за правата од животните. На пример прасињата и кокошки треба пристојно да живеат во штали  пред да одат во касапница.

-Нашиов премиер Марк Рутте (Либерална партија) се шета често со велосипед слободно сам. Без помпа еднаш неделно предава еден час во едно основно училиште.

-Страшно болни стари лица без перспектива можат под строги услови со помош од доктор да умираат со ињекција – еутаназија. Може да се умре законски со договор.

– Во се компромисот е најважен.

-Холандија е држава каде што се владее со отворен дијалог, за да може секогаш да се најде некоја средина.

-Холанѓаните се авантуристи. Ги интересира се, сакаат да истражуваат. Има секакви. Од питоми, обични, досадни, смешни до најнормални, чудни и посебни.

-Просечен Холанѓанец не можеш лесно да го смуваш. Стално прашуваа: ама зошто, ама како, ама вака, ама онака….

-Јужните Холанѓани се љубезни, друштвени, покомуникативни, меки, поопуштени. „Удри бригу на весеље“.

-Северните Холанѓани се потврдоглавни. Емоциите многу не ги искажуваат. Не се луѓе што многу зборуваат.

-Холанѓаните од западниот дел (Амстердам, Ден Хааг, Ротердам) се како: е хееј види ние сме од овие градови, јаки, вакви, такви, специфични, демек модерни, современи, горди, седете мирни. Исто како „Скопјанине“ :).

-Холанѓаните од Утрехт (средината) се исто директни, нема зафрканции со нив, но и така средни, мешавина се од се.

-Холанѓаните од источниот дел се мирни, зафатени со себе и своите проблеми, нивниот регион  живее во свој свет и не се замараат со другите.

-Првиот хомосексуален брак во светот беше прославен со голема гордост во Амстердам на 1 април 2001 година.

-Од 6 мај 2002 година прогресивната Либерална, социјална, толерантна, опуштена, откачена Холандија дефинитивно се промени. Прво еден политичар, Пим Фортјун беше ликвидиран. Тој сакаше тотална смена на политиката во Холандија и Исламот го сметаше како „блесава“ вера. Се сметаше себе си за интелектуалец со политичка  визија. Инаку беше хомосексуалец и се шеташе со две мали кучина. После неговиот  погреб, кој инаку се емитуваше во живо на тв, се одржаа парлементарни избори, а тој закопан во сандак доби 26 места во парлементот. Популарно речено  “победи“ на изборите!

-На 2 ноември 2004 година беше ликвидиран Тео ван Гог. Тој беше посебен режисер, сценарист, колумнист, писател, критичар со остро перо. Го уби странец со 8 куршуми среде бел ден пред куп сведоци, испишувајќи му на грбот порака од Алах. Земјата беше во шок. Оттогаш Холандија ја изгуби дефинитивно невиноста, насмевката. Ништо не е повеќе како што беше во мирољубивата Холандија.

-Во Холандија има 16.5 милиони жители. Густо населена држава.

-Во главниот град Амстердам живеат над 200 националности.

-Ден Хаг е политичкиот центар, таму е Владата, тука се амбасадите и интернационалниот трибунал.

-Холандија се смета за една од најбогатите држави во светот.

-Холандија секогаш е отворена држава, се бори за малцинствата и странските економски/политички емигранти.

-Холандија е голем донатор во светот во нови региони и во сиромашните африкански држави.

-Холандија има познати светски архитекти како Рем Колхаас.

-Реномирани градежни фирми прават мостови, автопати, невозможни брани низ цел свет. На вода, под вода, во пустини, во џунгли. 

-Холандија е држава на вода. Експерти се за вода, проблеми со вода, архитектонски водни идеи, борба против поплави и морско невреме. Една четвртина од Холандија е под нивото на морето.

-Ова недела либералната и христијанска демократска десна влада падна во Холандија.

-Следниве години државниот буџет строго ќе се крати за 15 до 32 милјарди евра.

-Виновен за политичкава криза е еден чуден плав десен политичар, Герт Вилдерс. Тој не се сложуваше со плановите и мерките на владата. Тој водт остра политика против верските фундаменталисти и странските криминалци. Се му смета. Вилдерс е  против ЕУ,  винови за кризата се сите, освен тој. Постојано е опкружен со 4 телохранители, се вози во блиндирана возило, а настапите му се груби и негативни. Комуницира со јавноста само преку Твитер.

-Се очекуваат новите избори. За среќа има прогресивни сили кои ја држат земјата ни лево ни десно. Компромис. Дијалог. Право за секого.

-Овој збор: „гедоген“, е симбол на Холандија. Преведено на Македонски значи толеранција. Толеранцијата е дел од животот во Холандија.

-Марихуаната  е забранета дрога, ама се толерира во илјада кофишопови низ цела држава. Се толерира за да нема големи проблеми, да нема наркомани по улици.

-Исто се толерира и ипроституцијата. Законски е забранета ама во наменски  уредени места се толерира. Проституките треба сега да се регистрираат како фирми. Тие имаат и свој синдикат. „Скраја подалеку“ ја слушам баба Митра.

-Холандија е сјајна, убава кога има сонце. Прекрасна со езерца, канали и плажи.

-Во „Низомеска“ (Холандија) често врне дожд и има ветер.

-Ако има сонце во Холандија секој еден е многу, многу весел.

-Ако има празници тогаш секој еден е многу опуштен и многу насмеан.

-Затоа Македонското сонце ги радува „портокаловите“ во Македонија. Само сонце, друго ништо не им е потребно. Тоа е лек за нив. “Lekker Weertje”, на Холандски.

Нека има секој ден сонце и празници.

Ви посакувам богато лето со „ портокаловите“.

Поздрав,

Влатко – Амстердам
(40 години стаж во Холандија, инаку роден во Плаке)

* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.