(Отворено писмо до госп. Никола Мановски и неговиот ментор, Градоначалникот)

Повторното јавување, со наслов „Желботека“, а по повод мојата прес-конференција и моето дополнително појаснување на од вас искажаните ставови полни со едно чудо конструкции, зборува дека не покажувате волја за аргументирано комуницирање, што впрочем и не е некоја новина. Во изминативе години упорно десетина пати прашував од говорница: – Кога ќе распише Градоначалникот конкурс за избор на директори на јавните претпријатија? Прво одговорот беше: „наскоро“. Потоа, -„на тоа прашање е одговорено“ и на крајот-„нема да распишам-и да распишам ќе бидат истите“. Така цел мандат директоруваа двајцата директори и ја вршеа функцијата советник истовремено и противзаконски. Градоначалникот си ја исполни желбата од својата „желботека“.
   
Јас тврдев дека „видовито“ погодив оти ќе се браните со оптужби кон централната власт, како дете што вели дека учителката го мрзи штом биде укорено за слабиот успех. Но вашиот интелигентно изведен заклучок дека сум ја почнал предизборната кампања по партиски налог ме вчудоневиде. И, право да си кажам, „се стресов“ од големината на дејствието што сум го сторил, а јас појма да ти немам! Па ми ги „отворате очите“ дека не можело инаку: или сум работел по налог на партијата или сум работел за личен интерес, а можеби сум терал кавга со Градоначалникот. Со сила се правите недоветни. Добро ви е познато дека не спаѓам во оние марионети од гласачката машинерија кои со конец се влечат кога да дигнат рака, а главите им служат како меморија за партиските инструкции. Устите-неми! Тешко на таквата „диригирана“ демократија и на народот за чии интереси се „испотепавме“ од вербални заложби! Знаете дека секогаш исистирам за чесно, стручно и законито вршење на јавните функции, што е во потполност темелна определба моја и на мојата Партија. Нема бегање од обврската за отчет пред граѓаните. Тоа и како граѓанин, и како советник, и како член на ВМРО-ДПМНЕ го барам од вас.
   
Гледам, се обидувате, како и во повеќе други прилики порано, да се затскриете зад читањето на законите од својата „желботека“! Но работите стојат вака:
Членот 34 од Статутот (на кој се повикувате) вели: – Градоначалникот има права и должности:
–    т. 3. Го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот
–    т. 7. Го извршува буџетот на Општината
–    т. 9. Редовно го известува Советот за извршувањето на своите надлежности во согласност со Статутот
Член 36 (исто така сте го прочитале):
–    ст. 1. Градоначалникот по сопствена иницијатива и по барање на Советот, го известува Советот за извршување на одделни работи од негова ндлежност, најмалку еднаш годишно.
(Истото стои и во чл. 50 од Законот за локална самоуправа)

Во истиот закон стои и обврската што беше основна причина на мојот прес, кој за жал се претвора во „сапунски“ серијал, но не по моја вина. Во чл. 64 ст. т. 2 стои:
–    Вредноста на сопственоста на општината се проценува и искажува при изготвувањето на годишната сметка.
Доволно ли е ова за да разберете какви се законските обврски на кои упорно ме терате да се повикам, небаре е потребно да водиме некаква судска расправа?
   
Обврските за поднесување до Советот на вистински извештаи (и финансиски, уште како!), а не само сувопарни бројки, разбирливи само за струката, туку поткрепени со јасен и целосен „превод“ на јазик достапен за широката јавност, произлегуваат од Законот за локалната самоуправа, од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, од Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, но и од елементарната морално-политичка обврска кон граѓаните.
   
Имаме право да знаеме колку должеше Општината, колку отплати и како. Колку, како и зошто останува должна за следни години. Имаме ли обврски за тие следни години и колкави се тие?
   
Сето тоа се и законски обврски, госп. Маневски, токму на Градоначалникот кого, за чудо, така невешто и без потреба го штитите. Ве уверувам дека не чувствувам никаков порив да се карам со него-дури често ми е и лично симпатичен. Но функцијата му е одговорна, па и таа не може да биде ничија „желботека“. Тоа е суштината!
   
И, Ви се молам, госп. Маневски, немојте да употребувате лични дисквалификации од типот дека „се пенам“ и „клоцам“. Та не мислите белки дека местото ми е во душевна болница? Ме чуди! Не е Ваш стил. Ајде, кога Петрески ме нарекува „поштар“, „папагал“ или дека „тресам глупости“-да прифатиме дека може до некоја мерка да се толерира. Но ова, ќе се согласите се надевам, не е во ред, нели?

             Иван Огненов

Важно:

Ставовите
изнесени во рубриката Ваши ПИСМА, не се ставови на редакцијата на
ohridnews.com и таа не сноси одговорност за изнесеното во текстовите.

Од редакцијата