Во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго, имам чест да Ви се обратам и да замолам за Ваша поддршка за членство на Република Македонија во НАТО. Писмово го пишувам по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, а кои се јавија по пресудата на Меѓународниот суд на правдата – МСП од 5 декември 2011 година.
МСП пресуди дека Грција, противејќи се на зачленувањето на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година под привремениот начин на обраќање утврден од Обединетите нации, ги прекрши обврските преземени со Времената спогодба од 1995 година. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт, во формата која е позната. Имајќи предвид дека пресудата е обврзувачка, Грција треба да се воздржи од натамошно блокирање на евроатлантската интеграција на Република Македонија. Натамошни чекори од страна на Грција да го блокира нашето членство условено со едно билатерално прашање, со решавање на прашањето околу името како предуслов за членство во НАТО, ќе значи непочитување на пресудата на МСП и повторно прекршување на Времената спогодба и на меѓународното право. Очекуваме одговорен пристап од нашиот сосед.
Би сакал да истакнам дека грчките тврдења дека Република Македонија ја прекршила Времената спогодба и дека не преговарала во добра волја, МСП ги отфрли како неосновани и најде дека Република Македонија никогаш не го прекршила принципот на добрососедски односи со Грција. Понатаму, би сакал да истакнам дека Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓање заемно прифатливо решение за разликата околу името. Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во разговорите кои се одвиваат под покровителство на ОН.
Пресудата нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО. Во светло на пресудата, очекуваме земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО, односно, очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт.
Република Македонија и натаму продолжува да придонесува во мисијата ИСАФ во Авганистан како еден од најголемите контрибутори по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет, но и ризикот, рамо до рамо со мировниците од земјите-членки. Имајќи предвид дека Република Македонија континуирано ја одржува компатибилноста со НАТО стандардите, верувам дека заклучокот на Самитот во Чикаго ќе ја има предвид оваа, но и новонастаната состојба со пресудата.
Уверен сум дека Вашата поддршка за нашето членство во НАТО ќе придонесе во создавањето позитивна клима и поместување на состојбата на статус љуо и ќе го охрабри грчкото лидерство да ја почитува пресудата на МСП.
Силно верувам дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО. НАТО, како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сè, бенефит ќе има Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за Република Македонија и за Грција, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата.
Нашите очекувања од Самитот во Чикаго се јасни и разумни. Очекуваме членките да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО под привремената референца од ОН. Ние имаме право на тоа, и нашите граѓани со право тоа го очекуваат, а веќе во Чикаго може да биде исправена неправдата од Букурешт.
Поддршката од Вашата земја во оваа смисла ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион. Со надеж дека ќе наидам на разбирање и дека со изнесените аргументи ќе ја добиеме Вашата поддршка, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување. – се вели во писмото што претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го испрати до претседателит на држави членки на НАТО.