Посредникот на ЕУ Питер Ванхауте кој во изминативе месеци работеше на усвојување на реформите предвидени со Пржинскиот договор како и на препораките од Извештајот на Прибе, од понеделник ја напушта функцијата.

Петок, 25 март ќе биде последниот работен ден на Ванхауте на функцијата. Нема информација дали ЕУ ќе одреди замена за медијаторот и кој ќе го наследи на позицијата. Во делегацијата на ЕУ во Скопје засега немаат коментар на ова прашање. Оттаму само потенцираат дека „Договорот од Пржино мора да се спроведе во целост“.

„За жал имаше повеќе одложувања. ЕУ и понатаму инсистира на имплементација на ургентните реформски приоритети“, велат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Иако ја напушта функцијата, Ванхауте сепак нема да си замине од Македонија. По кус одмор во родната Белгија, тој се враќа во Македонија, но овојпат како приватно лице и во својство на независен консултант. Во интервју за Дојче Веле кое ќе биде објавено утре, Ванхауте најавува дека се враќа за да и помогне на демократијата во земјата, а особено на граѓанскиот сектор.

Во интервјуто, Ванхауте зборува и за резултатите од неговиот ангажман, за улогата на меѓународната заедница во кризата во Македонија, за шансите да се одржат изборите на 5 јуни, како и за иднината на земјата.

„Системот на контрола етаблиран, во најголем дел, од ВМРО-ДПМНЕ стига до сите сите делови на општеството и не дозволува никакво слободно и критичко мислење, а не пак сугестии за промена на курсот во подемократски. Како резултат на тоа има клима на генерален страв“, вели Ванхоуте во разговорот.

OhridNews
Извор:Deutsche Welle