Иако Охрид „лежи“ на вода, многу малку прави за заштита на најголемиот природен басен со питка вода во овој дел од Европа.

И натаму реките Велгошка, Коселска, Сатеска и Черава се најголеми загадувачи на Охридското Езеро. Колекторскиот систем кој не го опфаќа целото езеро е застарен и често не функционира, особено при висок водостој кога непречистените води наместо во системот завршуваат директно во езерото, на што постојано укажуваат екологистите. Големи крајезерски населби и населени места во градот се уште не се поврзани со канализациона мрежа во колекторскиот систем. Состојбата е загрижувачка и на албанска страна и само благодарение на големата самопречистителна моќ што ја има Охридското Езеро последиците од човековото загадување се ублажуваат.

За нашата негрижа и однос кон најголемото природно богатство говори состојбата во која се наоѓа јавното претпријатие „Проаква“ кое стопанисува со водните ресурси и системи во Охрид и Струга. Јавните водоводи во двата града благодарение на неодговорното работење и перманентно партизирање, за што меѓусебно се обвинуваат политичките структури, со години наназад генерираат огромни долгови, загубите на вода се големи, особено во струшко, а наплатата се уште е далеку од потребното ниво. Кога на ова ќе се придодадат и лошите навики на граѓаните кои и натаму „позајмуваат“ питка вода за вадење на бавчите и парковите пред домовите, но и постојаното загадување со цврст отпад на изворите, реките и езерото, состојбата станува повеќе од алармантна. 

Дека веројатно не сме свесни за нашите нерационални и помалку неразумни постапки најдобро говорат анализите на експертите за вода при Обединетите нации. Тие предвидуваат дека до средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода бидејќи бројот на жители на Земјата расте, а водените ресурси се намалуваат. До 2025 година две третини од човештвото ќе почуствува сериозен недостиг на вода, предупредуваат експертите од ОН, а според најцрните прогнози се приближуваме до периодот кога ќе се војува поради питка вода. 

Се проценува дека над 1 милијарда луѓе немаат пристап до здрава вода за пиење, 2,5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација. Секоја година поради недостиг на вода умираат 1,6 милиони луѓе, што е 10 пати повеќе од бројот на жртвите во војните ширум светот. 

22-ри Март во 1992 година ОН го прогласија за Светски ден на водата, додека од 2005 започна Светска декада на водата, наречена „Вода за живот“. 

Г. Момироски