Пред два дена, пламените јазици целосно ја проголтаа семејната куќа на фамилијата Рустем, сместена на улицата „Андон Дуков“ во охридската населба Кошишта.

Пожарот за кој дополнително ќе се утврдуваат причините, го остави ова охридско семејство без покрив на главата, а благодарние на брзата интервенција на противпожарната единица Охрид, огинот не се проширил во соседството.

„Пожарот настана кај 17 часот, а пожарникарите околу час и половина се обидуваа да ги изгаснат пламените јазици. Материјалната штета е огромна, а внатре се што имаше е пеплосано. Двата спрата се нефункционални, изгорен е целиот инвентар, телевизор, лап-топ, мобилни телефони, покуќнина, облека, прозорци, врати, скали и се останато. Покривот е целосно уништен, а освен од социјалното, никој друг надлежен не не посети.“ – вели Рамиз Рустем, сопственик на опожарената индивидуална куќа.

Овие денови шестчленото семејство Рустем преноќува во соседната куќа на нивни близок роднина, но велат дека условите се несоодветни, со оглед на тоа што сите заедно живеат во една просторија.

Во нашата куќа живеевме на 2-та спрата, а моментално престојуваме кај мојот брат, кој ни е комшија. Во една дневна живеевме сите осуммина. Единствениот приход го остварувам јас како молер, а се што вложив до сега го однесоа пламените јазици.“ – додава Рустем.

Ова охридско семејство кое се наоѓа во исклучително тешка социјална состојба се надева дека не само хуманите граѓани, туку и локалната самоуправа ќе излезе во пресрет и ќе им помогне во санацијата на штетата предизвикана од пламените јазици.

Не бараме многу, малку нека е. Колку да се има за живеење. Нека дојде некој од надлежните, нека не посети, па ако се има некакво соодветно решение, да се помогне на некој начин. Оставени сме буквално самите на себе. Деновиве живееме кај стрико ми, но не може цело време да е така. Се надевам дека и хуманите граѓани ќе донираат и ќе не спасат од оваа трагедија во која што се најдовме.“ – вели синот на Рамиз Рустем.

Инаку, пожар избил пред два дена во семејна куќа на фамилијата Рустем сместена на ул. „Андон Дуков“ бр.13  во населбата Кошишта во Охрид. Веднаш интервенирала професионалната противпожарна единица Охрид со две возила, која покрај непристапниот терен и тесните улички успеала да изгасне пожарот. На местото на настанот извршен е увид, а истрагата треба да ги открие причините за пожарот.

O.T.