За само неколку децении од сега човечките активности на планетата може да предизвикаат изумирање на околу 1 милион видови животни и растенија, предупредуваат Обединетите нации во најновиот извештај за влијанијата на климатските промени предизвикани од човекот.

За шестото големо изумирање на планетата Земја кон кое забрзано се движиме, според научната јавност, директен виновник е човекот. Во потрага по енергетски ресурси и храна забрзано се уништуваат огромни површини шуми и земјиште, емисијата на штетни гасови е на екстремно високо ниво, а легалниот и нелегален лов и риболов е неколкукратно поголем од природниот прираст. Се проценува дека уништувањето на природата од страна на човекот за десетици дури и сто пати го забрзува исчезнувањето на одредени видови.

ОН во извештајот на 1800 страници кој се темели на повеќегодишни истражувања на околу 15.000 научници и експерти од целиот свет, предупредуваат дека во моментов загрозена е четвртина од сите познати видови растенија и животни на планетата. Тоа може да предизвика сериозни нарушувања во синџирот на исхрана и масовно исчезнување на живиот свет од лицето на Земјата.

Се предупредува дека околу 75% од копната, околу 50% реки и езера и околу 40% од сите мориња и океани покажуваат сериозни знаци на уништување предизвикано од човекот. Од осумдесеттите години до денес температурата на планетата е зголемена за 0,7 степени, а емисијата на штетни гасови во воздухот од користење фосилни горива двојно е зголемена. Неплодноста на земјоделските површини како резултат на преголема употреба на пестициди и други хемикалии е исто така загрижувачки фактор, како и неконтролираното уништување на шумите и зголемената конзумација на месо во исхраната на се побројното население, кое од седумдесеттите години до денес е зголемено двојно.

ОН подготвуваат финална верзија на извештајот на околу 40 страници која ќе им биде доставена на светските лидери и политичари, како големо предупредување за катастрофалните последици од неконтролираното уништување на ресурсите на планетата од страна на човекот.