Планинарска еко тура до врвот Лако Сигној ќе биде реализирана во јуни за собирање на ситниот расфрлан отпад во пошироката околина во организација на Алпинистички клуб „Патагонија“ – Охрид. Како што информираат од клубот, се очекува да бидат вклучени голем број доброволци.
Ова е долг процес што го планиравме и реализиравме подолг временски период. Локацијата се наоѓа на крстопатот на неколку популарни планинарски патеки како High Scardus Trail и Lake View Trail, кои секоја година привлекуваат илјадници љубители на природата од целиот свет, велат.
Посочуваат дека соочени со глетката на напуштени објекти и расфрлан отпад на една од највеличествените локации во Националниот парк Галичица, минатата година во јуни клубот реализираше голема еко акција.
По неколкугодишно планирање и трагање по вистинската поддршка, конечно, во јуни и јули 2024 година, беше реализирана голема еко акција за расчистување на врвот Лако Сигној (1984 м.н.в.). Со успешната акција, го вративме достоинството на просторот и придонесовме за подобро искуство на сите посетители. Беа отстранети остатоците од застарени радиокомуникациски инфраструктури – рѓосан метал, бетон и железни конструкции кои со децении ја нагрдуваа природната убавина. Со тоа, врвот повторно го доби својот автентичен лик.
Активностите се реализираат со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, во рамки на проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, во соработка со Национален парк Галичица и Центар за управување со кризи.
Алпинистичкиot клуб „Патагонија“– Охрид останува посветен на грижата за оваа локација, која е дел од пошироката „Авантуристичка зона во НП Галичица“, што ги опфаќа и локалитетот за алпинизам и спортско качување, Виа фератата „Доброја“, планинската куќа Спиридон и нови содржини кои допрва доаѓаат, додаваат.
OhridNews