Традиционалната велосипедска авантура, планинска вело тура „Вевчанска Голина Локва 2025“ ќе се одржи на 6 јули 2025 година, со почеток во 09:00 часот, во центарот на Вевчани, најавуваат од Еко-свест Вевчани и Рупикапра МТБ Струга.

Минатата година оваа тура беше голем успех со повеќе од 130 учесници, а оваа година веќе станува традиционална активност која ги поврзува љубителите на природата и планинскиот велосипедизам од целата држава. Вело турата има за цел да ги промовира природните убавини на планината Јабланица и заштитеното подрачје, Споменик на природа Вевчански Извори, како и потенцијалот за развој на планински велосипедски туризам во регионот, велат организаторите.

Патеката, посочуваат, започнува од Вевчани и продолжува преку Вевчански Извори, Есејнца, Смолејца, Јанков Камен, Манастир, Св. Климент, Горна Белица, до Видиковец Вевчанска Голина, со враќање преку Средни Рид до Вевчани.

Вкупната должина на турата изнесува 30 километри, со елевација од околу 1100 метри, и е наменета за учесници со добра физичка подготвеност. За сите заинтересирани учесници е предвидена дополнителна опција за кратко планинарење од 30 минути, од Видиковецот до глацијалното езеро Вевчанска Локва, бисерот на Јабланица, додаваат.

OhridNews