Асфлатирање и реконструкција на неколку охридски улици и рехабилитација на неколку селски патиштата предвидуваат охридските локални власти во рамки на ,,Развојната програма за изградба и реконструкција на локални патишта и улици за периодот од 2016 до 2018 година”.
Преку кредит од Министерството за финансии од Светска банка, општина Охрид планира да изврши реконструкција на улиците „Jане Сандански“, „Абас Емин“ „1-ва Македонска ударна бригада“, ,„Распаке“ и да ја реализира изградбата на улицата ,„Јордан Мијалков“.
Преку проекти во рамки на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој планирано е да се изврши реконстркција на патниот правец од село Вапила до село Ливоишта, да се асфалтира улицата „Кромидишта“ во населбата Рача и да се се изведе втората фаза од реконструкцијата на локалниот пат од бензиска пумпа „Билјанини извори“ до село Велестово.
Со средства од Буџетот на општина Охрид, нови и асфалтирани улици треба да добијат селата Горно и Долно Лакочереј, Орман, Свиништа, Опеница, Куратица, Трпејца, Љубаништа, Подмоље, Ливоишта, Вапила, Велгошти, Пештани, Косел и Лескоец. Во рамки на програмата планирано е да се обезбедат средства и за изградба и асфалтирање на улици во населбите „Рача“, „Св.Стефан“ и ,,Лагадин’’.
Исто така планирано е да се изврши рехабилитација на локалниот пат од месноста ,,Прентов мост’’ до село Куратица, како и рехабилитација на локалните патишта за селата Речица, Рамне и Завој.
Во програмата се нагласува дека од причина што се работи за развојна програма за период 2016-2018 година, за реализација на овие проекти, од Буџетот на општина Охрид за тековната 2016 година планирано е да бидат издвоени околу 530 илјади евра или точно 33 милиони денари.
OhridNews














