Охридскиот регион, како светско природно и културно наследство, подолг период се соочува со проблеми во однос на неговото  управување. Во јавноста се познати појавите на нарушување или неимплементирање на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светското културно и природно наследство.

Со цел да се надминат несаканите појави, од Владата информираат дека се превземаат активности за да ги реализираат обврските поврзани со Охридскиот регион како светско наследство впишано на листата на УНЕСКО.

Подготвен е План за управување со светското природно и културно наследство со кој Република Македонија ќе го промовира светското значење на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион на 31.1.2010 година е доставен на рагледување до УНЕСКО. 


 
Собранието на Република Македонија во јуни го донесе Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Со Законот се воспоставува правна рамка со која се уредува  управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион запишано во листата на светско природно и културно наследство на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Обединетите нации. Со овој закон, исто така, се уредуваат и правата и обврските на Република Македонија, на општините Охрид, Струга и Дебрца, како и правата и должностите на правните и физичките лица во однос на управувањето со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Заради координирано управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион се предлага основање на комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион во која ќе членуваат сите релевантни субјекти кои имаат надлежност во управувањето.
 
Во владина постапка, пак, е Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Со Законот, чие донесување се предлага, се уредуваат клучните прашања во поглед на практичните аспекти на заштита на едно конкретно заштитено добро – споменичната целина „Старото градско јадро на Охрид”.

Се поставува прашањето- колку ќе успеат сите овие регулативи да спасат од она што во Охрид секојдневно се уништува пред очите на јавноста.

OhridNews