Првиот човек на европпската фудбалска унија (УЕФА), Мишел Платини, до крајот на неделата ќе ја објави кандидатурата за претседател на ФИФА. Како што пренесува BBC, Платини најверојатно ќе ја има поддршката на четири континетални конфедерации поради што и решил да се кандидра за наследник на Сеп Блатер.

Изборите за прв човек на ФИФА ќе се одржат на 26-ти февруари наредната година, откако Сеп Блатер објави дека ќе поднесе оставка, и тоа само три дена по добиениот петти мандат за прв човек на најмоќната спортска организација.

Инаку, 79-годишниот Швајцарец на чело на ФИФА се наоѓа од 1998 година, а функцијата реши да ја напушти по корупцискиот скандал кој ја потресе ФИФА.

Од моментот кога Блатер ја најави оставката, Платини е најголемиот фаворит за негов наследник, а според медиумите тој во среда и официјално ќе ја објави кандидатурата.

Покрај УЕФА (Европа), Платини наводно ја има поддршката на КОНМЕБОЛ (Јужна Америка), КОНКАКАФ (Северна и Средна Америка и Кариби) и Азија (АЦФ).

Доколку споменатите конфедерации гласаат за Платини, тоа значи дека тој би добил 144 гласа, што е и повеќе од доволно да го наследи Блатер.

Рокот за поднесување на кандидатури за претседател на ФИФА е до 26-ти октомври.