Со цел да се зголеми безбедноста на капалиштата на 1 јули на сила стапи обврската со која се задолжуваат концесионерите на плажите да ангажираат лиценцирани спасувачи на вода. И покрај тоа што е обврзувачка,  оваа одлука засега ја почитуваат околу 60 отсто од плажите на охридско – струшката ривиера.

-Секогаш се наоѓаат луѓе кои ги злоупотребуваат или своите позиции или своите функции или своите пријатели и коишто се надвишуваат над законот. За жал имаме плажи кои и минатата година немаа спасители, а исто така најавија дека и оваа година нема да ангажираат спасители. Не знам навистина што треба да направиме за еднаш да кажеме дека сите капалишта се безбедни за капачите.- изјави Сашо Точко од Црвен крст Охрид.

Оваа организација располага со најголем број обучени спасувачи на вода, но Точко посочува дека воопшто не е важно дали концесионерите ќе ги ангажираат нив, или други, туку најбитно е тие да се лиценцирани и добро подготвени да им помогнат на луѓето во неволја.

Од Капетанијата на пристаништата најавуваат строга контрола на плажите и санкции за концесионерите кои не се придржуваат до договорите склучени со Министерството за транспорт и врски.

-Воглавно концесионерите на плажите ги исполнуваат безбедносните критериуми, а против оние кои нема да се придржуваат на прописите во делот каде ингеренции има Капетанијата на пристаништата, ќе бидат преземени најстроги мерки и ќе бидат санкционирани, односно, како крајно ќе им бидат раскинати договорите за закуп.-истакна Љупчо Настоски од охридската Капетанија.

Тој најави дека Капетанијата ќе врши засилена контрола и на учесниците во водниот сообраќај, со цел да се избегнат несакани инциденти какви што се случуваа  изминатите сезони.

OhridNews