Плажите во Грција, Албанија и Турција и годинава се најпривлечни за охриѓани кои планираат својот летен одмор да го поминат на море. Од охридските туристички агенции велат дека голем интерес постои за евтините аранжмани во јуни и септември, но има и охриѓани кои по традиција одат на летување во јули и во август.
-Седум-дневните аранжмани за наем на апартман или студио во некое од грчките летувалишта, во јунските термини, имаат цени од 90 до околу 300 евра. Ова се цени за сместување на три или четиричлено семејство. Цените во јули и август се нешто повисоки и се движат од 300 до над 400 евра за 7 или 10 дена. Цените пред се зависат од ексклузивноста на туристичкото место, но и од видот на сместувањето. Поскапи се аранжманите за грчките острови и за хотелското сместување, велат од туристичките агенции кои на својата понуда ја имаат Грција.
Од таму нагласуваат дека и оваа година охриѓани најчето ќе одмараат на плажите во Полихроно, Олипик Бич, Паралија, Пефкохори, Ханиоти, Лептокарија, но интерес имало и за островите Крф, Закинтос и Лефкада.
Поради близината и ниските цени, поволни дестинации за летување се и Валона, Драч и Саранда во Албанија, каде што цените за сместување се слични како и во Грција.
Охридските туристичките оператори кои организираат летувања, велат дека годинава исклучително голем интерес имало за летните аранжмани за Турција.
-Цените за десет полупансиони, со автобуски превоз, во дел од турските летувалишта се движат од 100 до 350 евра по лице, во зависност од видот на хотелското сместување. Најголем интерес има за аранжманите за Кушадаси, но задоволителен интерес има и за авионските аранжмани за Анталија, кои имаат нешто повисоки цени, велат туристичките работници.
Тие нагласуваат дека поголемиот интерес за Турција годинава ќе се должи и на воведениот директен чартер лет од Охрид до Анталија.
Освен за претходно-споменатите дестинации охриѓани се интересираат и за летните понуди за одмор во Црна Гора, Хрватска и Бугарија, додека пак оние со подлабок џеб и годинава можат да се одлучат за летување во Дубаи, Шпанија или Куба, како и за крстарење низ Медитеранот.
Е.М