Кошаркарите на Пелистер го освоија целиот плен во СРЦ „Билјанини Извори“, совладувајќи го составот на АВ Охрид со 79-62 (19-17, 24-11, 14-18, 22-16) во втората рунда од плеј-аут лигата.

„Зелено белите“, втор пат стигнуваат до триумф во Охрид, откако на победа се израдуваат и во регуларниот дел од Првата лига. Тогаш, битолчани слaвеа со 77-69.

Гостите отворија со 6-2, а „галебите“ возвратија со 8-0 серија за водство 10-6. Но, тука охриѓани застанаа и им дозволија на битолчани да го вратат водството и после десет минути игра да имаат предност од два поени (19-17).

Играта на охридските кошаркари тотално се распадна во втората четвртина. Нападот немаше идеја, а одбрана потклекнуваше во секој посериозен налет на „пелистерци“. Во такви околности, Пелистер вториот квартал го доби со 24-11 и обезбеди предност од 15 поени на полувремето (43-28).

Третата четвртина донесе нијанса подобра игра на АВ Охрид, но далеку од нешто конкретно на семафорот. Одбраната делуваше поорганизирано, а нападот се подобри во однос на реализацијата. За четири поени, домаќините ја намалија негативата и оставија какви такви шанси за пресврт.

„Галебите“ во решавачката четвртина тргнаа решително да ја анулираат предноста и делумно успеаја, откако намалија на пет поени (59-54). Но, во финишот гостите одново се „распукаа“ во напад и со серија поени го отпишаа Охрид од позитивен резултат и забележаа заслужена победа 79-62.

Во тимот на АВ Охрид најефикасен беше Атанасов кој реализираше 14 кошеви, 10 постигна Настоски, а 9 уфрли Бојоски.Во гостинскиот состав Давков застана на 19 поени, а еден помалку постигна Голубовиќ.

OhridNews