Фестивалот Охридско лето е една од ретките културни манифестации која опстојува долго и успешно, изјави маестро Михаил Плетнев на прес конференцијата по повод 50-то јубилејно издание на фестивалот, што под негова диригентска палка  на 12 јули ќе го отворат Рускиот национален оркестар и македонскиот пијанист Симон Трпчески.

– Во вакво време мошне е тешко да се одржи фестивал на високо ниво и да се подобрува неговиот квалитет и сакам да им честитам на луѓето кои го водат фестивалот за тоа и да му посакам на Охридско лето ушете многу години, многу концерти и многи публика која тука доаѓа не со стотици туку со илјади.-рече Плетнев.

Маестро Плетнев кој на фестивалот Охридско лето учествувал пред 25 години е воодушевен од убавините на Охрид, културното наследство и историјата на градот. Тој посебно го истакна Античкиот театар кој како што рече е вистинско ремек дело кое плени со својата акустика.

Античкиот театар е совршено уникатно место. Тука има остатоци од древните цивилизации, а во исто време има неодолива привлечност и совршена акустика која е задржана до ден денес. Луѓето кои се занимаваат со оваа проблематика можат да го земат за пример охридскиот антички театар, истакна Плетнев.

Музичкиот дел од програмата на отворањето на фестивалот ќе се состои од дела на руски композитори. Ќе бидат изведени Четирите симфонии од Чајковски и дела од Рахмањин, а диригентот Плетнев најавува и изненадување за публиката, за кое како што рече не сака да открива детали. Заедно со Рускиот национален оркестар ќе настапи и македонскиот пијанист Симон Трпчески, кого  Плетнев  истакна дека лично не се познаваат, но рече дека тој и припаѓа на новата генерација млади уметници чие време допрва доаѓа.

-Симон Трпчески е дел од новата генерација уметници што ќе ја претставуваат класичната уметност во иднина. Денес имаме дефицит на големи уметници и се надевам дека генерацијата која доаѓа ќе го подигне нивото на класичната музика, рече Плетнев.


Неодминлива тема на прес конференцијата беше и наводниот педофилски скандал на Тајланд во кој се споменува името на диригентот Плетнев. Тој искажа разбирање за интересот на новинарите за тоа што се случило на Тајланд, но смета дека за тоа треба да се зборува во Тајланд, додека во Охрид треба да се зборува за Охрид.

-Голема компанија сака да ме претстави како голем злотвор, но јас тоа не сум. Никаде во светот не сум направил никакво зло. Напротив во Тајланд имам направено многу добри дела за што можат да посведочат тамошните жители. Се надевам дека сето ова порано или подоцна ќе се разреши и правдата ќе победи. Сите ние сме во рацете на Бог и ако некому му е судено да помине низ одредени страдања тие страдања треба да се поминат и од тоа да се излезе посилен.-подвлече Плетнев.

Спектаклот на отворањето на педесеттото јубилејно издание на фестивалот Охридско лето ќе биде надополнет со сегменти од драмски претстави што ќе ги изведат десет најдобри македонски уметници. Режисерт Иван Попоски најави и изненадување за публиката, што како што рече ќе внесе нов поттик и енергија за движење кон напред.

Г. Момироски