Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци во земјава се одвива исклучително отежнато и забавено во зимски услови. Коловозите насекаде се лизгави и со остатоци од снег, информираат од АМСМ.

Патниот правец Р106 Градско-Прилеп преку планинскиот превој Плетвар, од 17:30 часот е отворен за сообраќај за сите видови на моторни возила во двата правци. Бидејќи сеуште има остатоци од снег на коловозот, на возачите им се препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови и употреба на зимската опрема.

Поради ниските температури можна е појава на голомразица во текот на вечерните часови.

Поради ниски температури и појава на голомразица, воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Берово-Струмица. Забраните за тешки товарни возила на Стража, Маврово, Деве Баир и Ќафасан се укинати. Таму сеуште има остатоци од снег поради што движењето е забавено.

OhridNews