Првото бебе родено во 2023 на одделението за гинекологија во општата болница во Охрид, денеска го посетија градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и директорот на Општа болница Охрид Асен Шајн. Синоќа во 20:55 часот, 18-годишната Љатифа Алиоска од Кичево на свет донесе здраво машко дете, тешко е 3.450 грама и долго 53 сантиметри.

Од име на Општината, градоначалникот Пецаков му подари плишано мече и ваучер од 10.000 денари.

Им посакувам многу здравје, среќа и успех, а на мајката уште дечиња. – истакна Пецаков по посетата.

Честитки до семејството на новороденчето испрати и директорот на Охридската болница Шајн.

На семејството му посакуваме пред се здравје, благосостојба, бериќет и среќа да ги прати во Новата година. Да доаѓаат за уште многу дечиња и да споделуваме убави моменти како овие, рече Шајн.

Началничката на Гинекологија Мимоза Влаши изрази задоволство од работата во изминатата 2022 година, кога по подолго време на одделението се родиле повеќе од 500 бебиња, посочувајќи дека последните четири години ова одделение бележиме раст на бројот на породувања од 25 до 30 отсто.

Гинеколошкото одделение во Охридската болница покрај Охрид, го  опслужува регионот на Кичево, Дебар, Ресен и дел од Струга, а тука доаѓаат и пациенти од соседна Албанија.

OhridNews