Промовирано пловилото на соларен погон изработено од ученици и професори од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ на плажата „Кај Дивоно“ во присуство на градоначалниците на Општина Охрид, Дебрца, Поградец, директорот, професорите и учениците од ОЕМУЦ Св. Наум Охридски кои работеа на истото.

Станува збор за пловен објект кој целосно е на сончева енергија. Без емисија на штетни гасови, без користење на скапи фосилни горива, без создавање на бучава, неограничено и бесплатно, со целосна автономија, пловилото нуди уживање преку цел ден. Во недостиг на доволна сончева светлина, пловилото ја користи енергијата складирана во батериски ќелии.

Автомобилската индустрија полека но сигурно се префрла на хибридни или целосно електрични мотори. Со овој проект за изработка на пловило на соларен погон кој е финасиран од Фондот за иновации и технолошки развој е во рамките на натпреварот „Предизвик за млади истражувачи 4“ докажуваме дека веќе се создадени услови и пловилата да имаат погон на електрични мотори. Се надеваме дека се ближи денот кога нема да бидеме немилосрдни кон она што го создавала природата милиони години и ни го дала бесплатно на користење и уживање. Ние заедно со едриличарите би сакале да бидеме пионери во употребата на пловила и да уживаме во истите, без притоа да имаме емисија на CO2, испуштање на моторно масло и бензин во водата и да не додаваме децибели на бучавата која го вознемирува живиот свет во водата и уживателите на природата, велат од училиштето.

Тимот кој учествуваше во изработката на пловилото го сочинуваа проф. Сашо Ангелоски и проф. Виолета Никовска со учениците Евгенија Шулевска, Шефко Асим, Никола Илиоски, Даниел Котоски, Јован Матлиојоски и Христијан Груевски.

Овој тим од професори и ученици со овој проект освоија првата награда на државниот натпревар „Предизвик за млади истражувачи 4“ со што добија парични средства од Фондот за иновации и технолошки развој и успешно го реализираа.

Истражувањето и анализите во проектот се потврдија и се докажаа преку реализацијата на истиот односно, се конструира пловен објект кој целосно е на сончева енергија. Се надеваме дека овој проект ќе претставува импулс за развој и употреба на ваков тип на пловила на Охридското Езеро и на сите водени површини во државата. Покрај еколошкиот аспект од користењето на вакви пловила, значаен е и за туристичкиот сектор т.е. има можност да привлече туристи кои бегајќи од урбаните и бучни средини (обично и загадени), ќе уживаат во природните убавини на нашиот Национален парк Галичица и Охридското Езеро како дел од него, велат од училиштето.

Градоначлникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека пловилото е плод на нивната успешна работа и се надева насока во која во иднина ќе може да се развива овој вид на пловење по Охридското Езеро односно снабдувањето на пловните објекти со соларна енергија.

Како локални самоуправи не дека до сега не излегуваме, но мора повеќе да излегуваме во пресрест посебно на идеите на младите луѓе кои имаат и тоа како добри идеи, од кои се покажува вклучувајќи ја и оваа дека можат да победат на одреден повик и да добијат финасиски средства за реализација на истата. Возможно е и треба да правиме програма на крајот на годината кога се носи буџетот, која што ќе биде токму наменета за вакви иновации, со што како локална ќе можеме да ги поддржиме ако не цели проекти барем почетокот на истажувањата кои се многу битни за реализација на истите, истакна Пецаков.

Од страна на градоначалникот Пецаков и директорот на училиштето на учениците и професорите вклучени во изработка на ова пловило им беа врачени пофалници.

Овој прототип, додаваат од училиштето, нормално може да се усовршува и со индустриско производство, целосно да ги истисне бензиските мотори на пловилата.

Н.С.Ј.