Капсулата „Кру драгон ендивор“ на „Спејс-икс“ безбедно се врати на Земјата. Вселенското летало се спушти со помош на падобран денес во 03:33 часот по Гринич кај брегот на Флорида со четворица астронаути на него. Тоа вчера полета од Меѓународната вселенска станица (МВС).

Полетувањето првично беше планирано за недела, но беше одложено за вчера, поради лошите временски услови.

Тимот „Кру-2“ го сочинуваат францускиот астронаут од ЕСА, Томас Песке, јапонскиот астронаут Акихико Хошида и астронаутите на НАСА – Шејн Кимброу и Меган Мекартур.

„Астронаутите од Кру-2 и ’Драгон‘ минаа 199 дена во Орбитата, и ова е првото американско вселенско летало кое ја достигна таа точка“, соопшти Спејс-икс на Твитер.

Меѓу другите наводи, тоалетот на „Кру драгон“ се расипал, што значи дека четворицата астронаути, кои се на МВС од април, морале да носат пелени при нивното патување дома.

 

OhridNews