Охриѓанката Марија Арнаудова, утрово на свет донесе здраво женско бебе. Таа се породи со царски рез во новото гинеколошко одделение при општата болница во Охрид, кое започна со работа по 2,5 години, поради реконструкцијата на старото болничко крило.


Семејството Арнаудови веќе ја има ќеркичката Ана, а нејзината помлада сестра ќе се вика Мила, откри мајката Марија. Taa првите честитки ги доби од сопругот Димитар кој работи како хирург во охридската болница.

-Супер се чувствувам, воодушевена, еуфорична. Поминав лесно благодарение на супер тимот кој се погрижи се да помине како што треба. Болницата прекрасно е направена по високи стандарди, изјави мајката Марија.


Породувањето го изврши Д-р Ѓоко Танески, кој исто така изрази задоволство од условите за работа во новото гинеколошко одделение.

-Ние денес сме среќни како и пациентите бидејќи со работа почна новото гинеколошко одделение при општата болница. Првото новороденче се роди со царски рез, тешко e 3,990 кг. и долго 52 сантиметри. Бебето е во добра состојба, а исто така и мајката, -изјави Д-р Танески.


Тој истакна дека условите за работа во новото болничко крило ги задоволуваат највисоките здравствени стандарди. Голем дел од потребната медицинска опрема е инсталирана, а останува уште еден помал дел да биде вграден во новите простории.


Исто така се очекува да биде извршено доекипирање на медицинскиот и немедицинскиот персонал, со што новото болничко крило каде покрај гинекологија уште се сместени и хирургија, урологија и оддeлението за уво, грло и нос, ќе може да профункционира со полн капацитет.

Г.М.