Во наредните два дена,  кај чешмата  во Велестово по 25 пат ќе се разлеат звуците на поезијата . За разлика од изминатите 24 години кога првата вечер беше посветена на творештвото на еден поет, овој пат „Поетската ноќ во Велестово“ ќе биде посветена на иднината на македонската поезија- младите поети.

Ќе бидат претставени 14 млади македонски поети кои ќе читаат своја поезија.Овие млади автори се луѓе кои имаат барем една издадена стихозбирка зад себе, редовно објавуваат песни  во македонските литературни списанија, а дел од нив и се пробиваат и надвор од земјава и учествуваат на интернационални фестивали, чија поезија е препеана и  на странски јазици, објаснува Јулијана Величковска, член на организациониот одбор на манифестацијата .

Идејниот творец на манифестацијата, Славе Ѓорго Димоски, потенцира дека вистинско задоволство е што „Поетска ноќ во Велестово“  успеала да се избори и се вброи меѓу најреномираните културни настани во земјава и пошироко.

Убаво е чуството кога гледам дека 25 години поминале во растење на една прекрасна манифестација, која со својата оргиналност се избори за највисокото место во републиката. Патот до јубилејот не беше лесен, повремено пропратен со потешкотии. Но помогна упорноста и желбата да се истрае , односно да се покаже пред јавноста дека и во овие времиња може да се најде простор и време за поезијата и таа  да прозвучи онака исконски, да се врати поетскиот јазик онаму од каде излегол- малите места, селата каде луѓето сеуште ги негуваат  архаичните фрази и метафори, рече Димоски.

Своето задоволство од одржувањето на манифестацијата го изразија и црногорскиот поет Жељко Миловиќ и норвешката поетеса Одвиг Клив кои истакнаа дека Велестово е прекрасно место, полно со доживувања и  кое изобилува со инспирација за пишување.

Поетската ноќ во Велестово ќе се одржи со финансиска и логистичка поддршка и под покровителство на градоначалникот  Никола Бакрачески и општина Охрид .

Особена чест и задоволство е денеска да се говори и да се најави оваа 25-та поетска ноќ во Велестово, бидејќи е една од најзначајните културни манифестации во Охрид и пошироко. Поетската ноќ во Велестово сериозно се вбројува во еден од најзначајните културните поетски настани на Балканот и Европа – истакна Зоран Велјаноски, претставник од Секторот за меѓународна соработка, соработка со УНЕСКО и култура.

Во рамки на првата вечер од манифестацијата присутните ќе имаат можност да го проследат настапот и на ансамблот „Билјана“ и да ја посетат изложбата на слики од Александар Станковски насловена „Поетика и политика“. На втората, интернационална вечер своја поезија ќе читаат поети од Норвешка, Русија, Црна Гора, Бугарија и Словачка. Ќе биде промовирана и стихозбирката „Со други очи“ од норвешката поетеса, Одвиг Клив.

Т.К.