Советниците на денес одржаната седница дадоа зелено светло за издвојување на средства од општинскиот буџет со кои ќе им се помогне на семејствата од неколкуте опожарени куќи во Охрид во изминатиот период. За оваа цел, предвидени се по максимум 5000 евра по опожарена куќа за санирање на штетите.

Како што информира градоначалникот Александар Петрески, во дел од објектите со општински пари веќе се извршени одредени зафати.

– Поставени се нов покрив, врати и прозори во куќата што изгоре во стариот дел на градот, но таа се уште не е оспособена за живеење. Општината учествуваше и во комплетното покривање на опожарената куќа во населбата „Радојца Новичиќ“, рече Петрески.

Општината ќе помогне и во санирањето на штетите на изгорените куќи на улица „Бистрица“, чии сопственици се наоѓаат во особено тешка социјална состојба. Овозможено им е да примаат топол оброк во текот на денот, а извршени се и интервенции за првично санирање на објектите.

Т.К.