Српската влада го потпиша Договорот за стратешко партнерство со националната воздухопловна компанија на Обединетите Арапски Емирати, Етихад, со што некогашниот Југословенски аеротранспорт(ЈАТ), а потоа ЈАТ Ервејс, по 66 години престана да постои, а основана е нова компанија Ер Србија.

Договорот, кој се очекува Србија да ја направи регионален лидер во воздушниот сообраќај, го потпишаа српскиот вицепремиер Александар Вучиќ и директорот на Етихад,  Џејмс Хоган.

Етихад со Договорот презема 49 отсто од ЈАТ ервејс и управувачките права, додека државата Србија со 51 отсто ќе остане мнозински сопственик на националниот авиопревозник, на чии авиони во иднина ќе пишува Ер Србија, боите на српското национално знаме и заштитниот знак на компанијата Етихад.

„Новиот бренд Ер Србија ќе биде раскинување со минатото, но не и раскинување со традицијата. Ер Србија ќе биде најсигурен превозник“, истакна првиот човек на Етихад Џејмс Хоган.

Тој најави воведување во флотата на 10 нови авиони Ербас А319, како и план тие наскоро да бидат заменети со уште помодерните авиони Боинг 737.

OhridNews
Makfaks