Од Охрид до Кичево со автомобил ќе се стигнува за помалку од половина час по автопатот „Мајка Тереза“, кој од денеска и официјално започна да се гради. Во присуство на премиерот, министри во владата, градоначалници, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и граѓани, кај кичевското село Извор денеска беше поставен камен темелникот за изградба на автопатот Охрид – Кичево.

Вкупната должина на автопатот изнесува 56,7 километри. Ќе има две ленти по 3,75 метри во правец, лента за застанување од 2,5 метри, како и рабни летни и банкини по целата должина. Помеѓу двата коловоза ќе има разделен појас во должина од 3 метри. Автопатот ќе има 6 натпатници, 13 потпатници, 22 мостови – вијадукти, 7 армирано бетоснки мостови, како и тунел под планинскиот превој Пресека со две цевки за двата правци во должина од 1990 метри. Вкупната вредност на инвестицијата се проценува на 375 милиони евра, обезбедени во најголем дел со кинески кредит, а околу десет отсто се вложувања на владата.

-Автопатот кој ќе го поврзува Кичево со Охрид и Струга е најголемата инфраструктурна инвестиција во последните пет децении. Во сите изминати години градевме многу патишта и објекти, но ниту еден од тие проекти не беше ни приближно вреден според износот на инвестицијата колку што е изградбата на овој автопат, изјави на свеченоста премиерот Никола Груевски.

Премиерот изрази очекување дека отпочнатите инфраструктурни активности ќе ја раздвижат локалната економија и ќе отворат нови вработувања.

-Очекуваме на местата каде ќе се градат патиштата ангажман на стручни кадри, на градежништвотото и индустријата, подобра бизнис клима, поголема конкурентност на државата, подобра поврзаност на помалите со поголемите места, подобра поврзаност со соседните држави, подобра комуникација и траспорт на луѓе и стока, можност за развој на туризмот. –додаде Груевски.

 Заменик премиерот Муса Џафери истакна дека новиот пат економски ќе го раздвижи регионот и стратешки ќе го поврзе со европските пазари.

-Овој автопат е дел од мошне важниот Коридор 8 кој регионот ќе го поврзе преку пристаништето Драч со Бари Италија на запад, односно со Бургас на исток.-рече Џафери.

Носител на проектот е Агенцијата за патишта, а изведувач е кинеската комапнија „Синохидро“ која, според договорот, автопатот од Охрид до Кичево треба да го изгради за период од 4 години.

-Ќе вложиме максимални напрори овој автопат да го изградиме со добар квалитет и во рамки на предвиденото време. – истакна Зинг Кси Нијанг од „Синохидро“.

Г.М.