Од 19- ти до 31- ви август во Охрид, по четврти пат ќе се одржи Школата за млади лидери, проект на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. На школата учество ќе земат 40 учесници и 30 предавачи од Македонија, Европа и ширум светот.
Меѓу познатите дипломатски имиња кои ќе се обратат на школата е и поранешниот претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус, а ќе учествуваат и двајца слушатели од институтот за меѓународно лидерство на американскиот сенатор Џон Меккејн, а меѓу предавачите ќе бидат успешни поединци и лидери во компании и инстиуции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел и други земји.
Школата прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Мисијата на школата, е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.
Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, амбасадори, министри, претседатели на успешни компании и бизнис групации. Учесниците во школата добиваат можност не само да ги чујат нивните излагања и предавања, туку и да разговараат со нив, да дискутираат на многу теми, да ја предизвикуваат сопствената мисла насочувајќи ја напред.
OhridNews