По пауза од две години поради ковид-19 пандемијата, повторно на плажата во Извидничкиот центар Охрид, освен редовните посетители може да се забележат и младите кампери кои се дел од  летниот камп „λ камп 2021“ во организација на Сојуз на извидници на Македонија.

 

По принципот на учење преку работа и забава, околу 180 извидници од цела држава на возраст од 12 до 16 години, деновите и вечерите ги поминуваат во другарување, учество на водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, стреличарство, ориентација, кампување, лидерство и останати извиднички и животни вештини.Традиционалното кампување се одржува во периодот од 7- 15 август.

Сите активности се одвиваат според владините протоколи за организација на настани на отворено и внатрешните протоколи на сојузот за организација на извиднички настани.За програмата, логистиката и целата организација на кампот се грижат околу 20-тина волонтери кои неуморно работат секој ден, ги развиваат своите организациски вештини и со насмевка на лицето се грижат активностите за помалите да се навремено подготвени, информираат од Сојуз на извидници на Македонија.

Извидничкото движење претставува најголема светска организација за неформално образование, која брои преку 60 милиони членови и неговата мисија е да придонесе во интелектуалниот, психичкиот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата и младите.

Од Сојузот порачуваат – секој кој сака да се приклучи на извидничкото движење, тоа може да го направи во текот на месец септември, кога одредите ширум Македонија ќе ги започнат уписите на нови членови.

 

ОhridNews