Аргентинецот Даниел Блаум се наоѓа во водство по испливани 20 километри на Охридскиот пливачки маратон-ОПМ. Иако тој форсира и се обидува да се издвои, блиску зад него бугаринот Петар Стојчев предводи поголема група маратонци, меѓу кои има и репрезентативци на Македонија.

Точно напладне кај Свети Наум, на патеката долга 30 километри, во водите на Охридското Езеро  запливаа 17 маратонци,  11  во машка и шест во женска конкуренција.

Во последен момент учеството поради повреда го откажа германецот Студзински. Првите натпреварувачи се очекува да допливаат на целта кај охридското пристаниште по 17 часот.

Годинава за прв пат охридскиот маратон нема да се плива во рамките на светската серија маратони туку како Гран При (Grand Prix) трка. Причина е тоа што патеката во Охрид е подолга од 10 километри, како и висината на наградниот фонд.

Покровител на Меѓународниот охридски пливачки маратон е претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, делегат на маратонот од Меѓународната пливачка федерација ФИНА е Валерус Деловац, а главен судија – Соња Думбалова.

Г.М.