До крајот на јануари, сите наставници и професори од Македонија ќе добијат по еден лаптоп. Според Министерството за Информатика ќе бидат дистрибуирани  вкупно 22.000 преносени компјутери, наменети за сите средни и основни училишта во Р.М.

Со овој проект, за кој Владата на Р.М издвои 250 милиони денари, Македонија ќе стане прва земја во светот која ќе обезбеди  компјутер за секој просветен работник. Според Министерството за информатика, проектот има за цел да овозможи олеснување на работата на просветните работници. Секој професор или наставник  ќе поседува службен преносен компјутер, што ќе го носи на работа и дома и на кој ќе ги подготвува своите наставни програми и содржини. Лаптопите ќе бидат модерни, функционални и доста моќни, едноставни и преносливи. Покрај интернет, тие ќе бидат опремени и со излези за видеобим и печатач.

Ова е продолжение на проектот „Компјутер за секое дете“, кој почна во 2007 година. Со него во првата фаза беа набавени 100.000 компјутери за учениците во сите средни училишта  и  уште 65.000 компјутери во втората фаза, со кои се опремуваат основните училишта.

Ohridnews