Предлог одлуката за формирање на Совет за превенција на малолетничко престапништво, предлог- одлуките за подигање спомен обележја на Цар Самоил и Божицата Изида, извештаите за работењето на дел од јавните претпријатија, предлог- одлуките за неколку нацрт урбанистички решенија, се дел од вкупно 35- те точки предвидени на дневен ред на 40-та седница на Советот на општина Охрид, закажана за денеска.

Посебно внимание предизвикува расправата во врска со проектот за јавно приватно партнерство за управување со уличното осветлување, за што деновиве ВМРО ДПМНЕ и Градоначалникот водат „војна“ преку медиумите. ВМРО ДПМНЕ го обвини Петрески за непотизам посочувајќи дека на чело на комисијата која треба да го спроведе тендерот за улично осветлување вреден 150 милиони денари го поставил неговиот брат. Претставници на советничката група на ВМРО ДПМНЕ вчера одржаа прес конференција  пред седиштетот на Антикорупциската комисија од која, како што најавија, ќе бараат да ја преиспита евентуалната одлука, доколку истата биде изгласана од мнозинството во советот.

Градоначалникот Петрески одговори дека нападите се обид да се дискредитира неговата работа и почеток на валкана кампања на ВМРО ДПМНЕ за претстојните локални избори. Според него Антикорупциската комисија треба да го провери работењето на дел од советниците на ВМРО ДПМНЕ, како и тендерите кои ги спроведуваат општините во кои оваа партија е на власт. Петрески истакна дека нема никаква афера во посочениот случај, затоа што неговиот брат е само предложен, но не и изгласан за претседате на тендерска комисија. Тој најави дека ќе побара од ВМРО ДПМНЕ да предложи кандидат за претседател на комисијата и дека истиот ќе го прифати.